Сестрата на Спире кој почина во Кочани, пушти 27 балони кон небото за неговиот роденден: „Те сакам бато“

Дали Знаете, Живот

„Среќен небесен роденден брат. Оваа година можам да ти подарам само 27 балони“, напиша Ана, сестрата на Спире кој го изгуби животот во пожарот во Кочани, и објави емотивно видео на Инстаграм Стори.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани одзеде 63 животи и зави многу семејства во црно. Сите тие на свој начин се справуваат со болката, со траумата на тоа што го дознаа на кобниот 16-ти март.

И секој од нив на различен начин им оддава почит на своите загинати чеда, брат или сестра… А зборовите и фотографиите што ги објавуваат болат до срж.

И не ги болат само најблиските, туку сите во Македонија, кои сочувствуваат со нивната тага и загуба. Една таква порака, која ќе остане длабоко врежана во колективната меморија, испрати и Ана Стоименова, сестрата на Спире Стоименов, кој загина во пожарот во Кочани на 26 години.

Спире на 12.11 требаше да полни 27 години, но не го дочека својот роденден.

А Ана, со многу болка, му испрати подарок кон небото – 27 сини балони, 26 за секоја година од неговиот живот, но и еден за роденденот што не го дочека.

Таа на своето Инстаграм Стори објави емотивно видео – застаната сама на зајдисонце, ги пушта балоните да летнат кон небото.

„Среќен небесен роденден брат. Оваа година можам да ти подарам само 27 балони“, стои во описот на видеото.

„Светот мој минус тебе во него она што ќе остане, МАЛКУ Е! Свети денеска како што светеше и тука, твој ден е. Роденден. Те сакам, бато!“