Вардар се чисти: Багерите работат на отстранување на отпадот кај Камениот мост

Македонија

Екипи на ЈП „Улици и патишта“ – Скопје деновиве спроведуваат интензивна акција за чистење на коритото на реката Вардар. Според претпријатието, ангажирана е целата расположлива механизација, а работата ќе продолжи сè додека не се заврши целосното расчистување на кејот.

Од теренските снимки и фотографии може да се забележи машинско отстранување на насобраниот кабаст и земјан материјал од централниот дел на реката, додека рачни екипи ги собираат пластичниот отпад и ситниот смет од косините.

„Во акцијата се вклучени сите екипи на ЈП ‘Улици и патишта’ Скопје со целосен работен капацитет. Ќе работиме до комплетно расчистување на просторот,“ информираа од претпријатието.

 

Ова чистење е дел од најавената акција за подигнување на хигиената и уредувањето на јавните површини во градот, која ја иницираше новоизбраниот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Според најавите, вакви активности ќе се реализираат и на други локации низ главниот град.