Божиновска во Атина: Македонија ја зацврстува позицијата во енергетската дипломатија
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска учествуваше на P-TEC енергетскиот форум во Атина, каде што го претстави ставот на Македонија како активен и доверлив партнер во регионалната енергетска соработка и трансатлантските енергетски иницијативи.

Божиновска истакна дека вниманието кон Македонија на форумот било значајно и дека земјата ја зацврстува позицијата во регионалните разговори за енергетска стабилност и стратешки инвестиции.

На маргините на настанот, министерката оствари средби со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис и со грчкиот министер за животна средина и енергетика Ставрос Папаставру. Таа се сретна и со хрватскиот министер за економија Анте Шушњар, кипарскиот министер за енергетика, трговија и индустрија Ѓоргос Папанастасиу, како и со генералната директорка за енергетика во Европската комисија, Дите Јул Јоргенсен.
Божиновска присуствуваше и на посебната вечер организирана заедно со државни претставници од САД и врвни носители на европските енергетски политики, каде што се дискутирало за иднината на трансатлантската соработка во енергетиката.

– Енергијата ги поврзува државите. Македонија денес е дел од тие разговори – рамноправно, со визија и сигурност – порача Божиновска.




