Наоѓалиштето „Злетово“ со перспектива за работа најмалку уште 20 години

ЕКОНОМИЈА / ФИНАНСИИ, Македонија

Рудникот за олово и цинк „Злетово“ располага со геолошки резерви за уште најмалку две децении работа. Ова го покажуваат досегашните геолошки истражувања, како и оние шо престојат, објаснува раководителот на Геолошката служба Денис Ѓоргиев во интервјуто објавено во домашните медиуми.

„Нови геолошки истражувања на наоѓалиштето допрва следуваат, но деталните геолошки истражувања направени во изминатиот период потврдуваат континуитет на рудните жици и во длабина (хоризонти 300 и 250) и по протегање. Наоѓалиштето „Злетово“ има продолжение кон локалитетот Плавица која претставува продолжение на рудната жица 10 при што концесиски граничи со наоѓалиште за бакар и злато кое сеуште не е отворено. Според досегашните наоди, рудникот може да работи најмалку уште 20 години. “ вели Ѓоргиев.

Според него, „Злетово“ годишно произведува околу 150 илјади тони оловно-цинкова руда, од кои се добиваат 10–12 илјади тони концентрати. Квалитетот на оловниот концентрат е околу 72% Pb, а на цинковиот околу 52% Zn. Во оловниот концентрат се валоризира и содржина на сребро. Концентратите се извезуваат во Металуршкиот комбинат во Пловдив, каде што се екстрахираат металите.

Ѓоргиев оценува дека стратешка предност на „Злетово“ е што покрај покрај олово и цинк присутни се и бакар, сребро, бизмут, германиум, индиум, кадмиум, галиум, злато, калај и други дефицитарни елементи, за кои и побарувачката во светски рамки е огромна.

Клучен предизвик и за геолошкиот сектор во „Злетово“ е недостигот на кадар. „Недостигаат рудари и стручни профили во електромашинство, геологија и геодезија. Имаме отворен конкурс во текот на целата година,“ вели Ѓоргиев.

За одржување на продуктивноста, компанијата прави интерна преквалификација и соработува со рударско-геолошкото средно училиште и со Факултетот за природни и технички науки во Штип.

„Нашиот рудник им гарантира сигурна работа и стабилни приходи, а за општината и државата носи стабилни буџетски приливи. Паралелно со работењето на рудникотсе активира и локалната економија,“ додава тој, нагласувајќи ја улогата на рударството како „економски двигател“ на рударските градови со перспектива и за идните генерации.