Проданоски: Слободата е завет што Прилеп го пренесува на идните генерации
Со положување свежо цвеќе и оддавање почит пред спомениците на народните херои, во Прилеп утрово започна одбележувањето на 3 Ноември – Денот на ослободувањето на градот. Градоначалникот Дејан Проданоски истакна дека овој ден е симбол на слободата, непокорот и заедништвото, вредности кои Прилеп ги негува и пренесува на новите генерации.

„Со гордост и благодарност го чествуваме еден од најзначајните датуми во историјата на нашиот град. Денес им оддаваме почит на борците кои ја вградија својата жртва во темелите на нашата слобода. Прилеп ќе продолжи да го негува споменот на своите херои и да ја пренесува пораката на слободата и единството,“ рече Проданоски.
Во рамки на програмата, беше посетен и традиционалниот уметнички и хуманитарен хепенинг организиран од Ротари клубот Прилеп, на кој уште еднаш беше потврдено дека духот на солидарноста и хуманоста е длабоко вкоренет во прилепската заедница.

Празнувањето продолжува вечерва со свечени активности – откривање на ѕвезда во чест на Коста Смилески на Арт Плоштадот, како и свечената седница на Советот на Општина Прилеп во НУЦК „Марко Цепенков“, каде ќе бидат доделени традиционалните општински награди „3 Ноември“.
„Да го одбележиме овој ден со гордост, достоинство и љубов кон нашиот град. Честит празник, Прилеп!“, порача градоначалникот Проданоски.




