Чудото од Индија: проговори човекот што преживеа пад на авион во кој загинаа 241 лице

Дали Знаете, Живот

Вишвашкумар Рамеш, единствениот преживеан од трагичната авионска несреќа на Air India, во која загинаа 241 лице, изјави дека се чувствува како „најсреќниот човек на светот“, но истовремено преживува длабока физичка и психолошка болка. Неговите снимки, на кои се гледа како се оддалечува од местото на падот на авионот — а неговото преживување многумина го нарекоа чудо.

Несреќата се случи во јуни, кога Boeing 787, на лет од западна Индија кон Лондон преку Ахмедабад, се урна само неколку минути по полетувањето и беше зафатен од пламен. Во трагедијата загинаа сите патници и членови на екипажот, како и 19 лица на земја.

Во емотивно интервју за BBC News, Вишвашкумар раскажа дека го изгубил својот помлад брат Ајај, кој седел само неколку редови подалеку:

„Јас сум единствениот преживеан. Сè уште не можам да поверувам. Тоа е чудо. Но изгубив сè — изгубив брат кој ми беше потпора, човекот кој секогаш ме поддржуваше.“

Оттогаш, неговиот живот се претворил во осаменост:

„Сега сум сам. Само седам во собата и не разговарам со сопругата и синот. Не можам. Само сакам да бидам сам.“

Во болницата во Индија, каде се опоравувал, раскажал како успеал да се извлече од урнатините и да исползи низ отвор во трупот на авионот. Таму го посетил и индискиот премиер Нарендра Моди.

По враќањето во својот дом во Лестер, Велика Британија, Рамеш за првпат проговори јавно, во присуство на локалниот лидер Санжив Пател и портпаролот Рад Сигер. Со солзи во очите, раскажа дека не може да зборува за катастрофата:

„Мајка ми веќе четири месеци секој ден седи пред вратата и не зборува со никого. Јас, пак, не можам да спијам. Секој ден е болен. За сите нас.“

Рамеш сè уште има тешки физички последици — болки во ногата, рамото, коленото и грбот.

„Кога одам, одам бавно. Жена ми ме држи за рака. Не можам ни да работам, ни да возам“, вели тој.

Според неговите советници, Рамеш страда од посттрауматски стресен синдром (ПТСП), дијагностициран уште во Индија, но по враќањето во Британија не добил соодветен третман. Тие ја обвинија авиокомпанијата дека лошо се однесувала со него и побараа итен состанок со раководството на Air India.

„Тој е уништен – психички, физички и финансиски,“ рече Пател. „Оваа трагедија ја уништи неговата фамилија. Луѓето кои се одговорни мора да излезат пред јавноста и да се соочат со жртвите.“

Air India му понудила привремена отштета од 21.500 фунти, која ја прифатил, но неговите советници сметаат дека тоа не е доволно ни за покривање на основните потреби.
Семејниот бизнис со рибарство во Индија, што го водел со својот брат, целосно пропаднал.

Портпаролот Рад Сигер истакна дека три пати барале средба со компанијата, но сите нивни барања биле игнорирани.

„Ова не сме ние што треба да го правиме, туку Air India. Тие треба да седнат пред јавноста, да ги погледнат овие луѓе и да им помогнат“, рече Сигер.

Од Air India, која е во сопственост на Tata Group, соопштија дека високи претставници редовно ги посетуваат семејствата на жртвите за да изразат сочувство.

„На претставниците на господинот Рамеш им беше понуден состанок, и се надеваме на позитивен одговор,“ наведоа од компанијата, додавајќи дека поканата била испратена уште пред неговиот јавен настап. објави Скопје1.мк