Блажевски“ го обедини македонскиот фолклор пред преполната сала во НОБ

Македонија

Фолклорното студио „Блажевски“, едно од најпрепознатливите аматерски друштва за народни игри во земјата, синоќа (30 октомври) го одржа својот годишен традиционален концерт во преполната сала на Националната опера и балет во Скопје. Концертот, инспириран од народната песна „Од там се гледа Македонија“, беше тематски посветен на народните игри и песни од трите делови на Македонија – Егејскиот, Пиринскиот и Вардарскиот.

Публиката имаше можност да ужива во повеќе традиционални постановки кои се авторско дело на кореографот и основач на студиото, Јовица Блажевски, меѓу кои „Посеље“, „Моме Митро“, „Радовишки Собор“ и „Пијанец“. Во програмата беа вклучени и неколку изведби кои се веќе класика на македонскиот фолклор – „Солунка“, „Поречки“ и „Пиринско пролетно цвеќе“, а концертот го одбележаа и премиерните изведби на „Селеник оро“, „Егејка“ и „У ливаду“.

Покрај играорниот дел, присутните уживаа и во изведби на народни песни од сите региони на Македонија, што придонесе за целосно доживување на фолклорната традиција која ја нудат разните предели каде живее македонскиот народ.

 

Фолклорното студио „Блажевски“ е формирано во 2013 година и денес брои над 100 активни членови, распределени во неколку возрасни групи. Неговиот основач и уметнички раководител, Јовица Блажевски, е воедно и актуелен раководител на играорниот кор при Националната установа „Танец“.

Настанот ја долови разновидноста и магија на македонскиот фолклор преку ритам, песна и костимографија кои ја прераскажуваат историјата и душата на македонскиот народ. Концертот беше поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Македонија.