 
		ИНТЕГРА ја објави поддршката за Орце Ѓорѓиевски за градоначалник на Скопје
ИНТЕГРА официјално ја објави поддршката за Орце Ѓорѓиевски во вториот круг од локалните избори за градоначалник на Скопје. Според изјавата на претседателот на ИНТЕГРА, Љупчо Ристовски, изборот за градоначалник на главниот град е од исклучително значење за животот на граѓаните и за угледот на државата, бидејќи Скопје има амбиција да се развие во современа метропола.
„Во изборот помеѓу левата глобалистичка и неолиберална опција и новата визија на човек кој покажа резултати во Кисела Вода и остава впечаток на амбицозен, искрен и коректен политичар кој си стои на зборот, ИНТЕГРА одлучи да го поддржи Орце Ѓорѓиевски. Даваме шанса за нови процеси, за поинаква визија и за поубаво Скопје“, истакна Ристовски.
Заедно со објавата на поддршката, ИНТЕГРА сподели и промотивно видео со кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, со цел да ги информира граѓаните за плановите и визијата на Ѓорѓиевски за главниот град.




