ЈАМАЈКА ЈА ЧЕКА УШТЕ ЕДНА ПОПЛАВА, ОВОЈПАТ ОД – КРОКОДИЛИ!?

Дали Знаете, Свет

Покрај уништувачките последици од ураганот Мелиса, Јамајка се соочува со уште една закана – неочекувана појава на крокодили во поплавените подрачја. По налетот на бурата, властите предупредуваат дека овие влекачи, во потрага по суво земјиште, може да навлезат во населените зони.

„Не сме во состојба само да го следиме ова, мора да бидеме претпазливи, бидејќи крокодилите може да ја напуштат својата природна средина и да се појават во населени зони,“ – се вели во соопштението на Југоисточниот регионален здравствен орган (СЕХРА), кој ги покрива областите Кингстон, Сент Ендрју и околните заедници.

Според податоците на Националниот центар за урагани (НХЦ), ураганот Мелиса стигнал до копното во близина на Њу Хоуп со ветрови од околу 295 километри на час и притисок од 892 милибари, што го прави меѓу најсилните бури забележани во историјата на регионот.

– Ова е не само бура за инфраструктурата, ова е бура и за животинскиот свет и за начинот на живот на луѓето – коментира аналитичар за урагани за списанието Тајм, нагласувајќи дека последиците се далеку пошироки од физичката штета.

Поројните дождови и поплавите предизвикаа значителни уништувања, а делови од главниот град Кингстон и западниот регион се без струја и вода за пиење. Патиштата се непроодни, а неколку населени места се целосно отсечени од остатокот на островот.

Според Националната агенција за животна средина и планирање (НЕПА), американскиот крокодил е единствениот вид што живее на Јамајка и е заштитен со закон поради неговото историско и биолошко значење. Сепак, поплавите создадоа услови за нивна миграција во човечки средини.

– Поплавените села веќе се под вода; загрижени сме дека крокодилите ќе ја искористат секоја можност да мигрираат кон суво земјиште – изјави претставник на НЕПА за весникот Џамејка Глинaр.

Здравствените власти апелираат граѓаните и туристите да не влегуваат во водени површини и да ги држат домашните миленици подалеку од реките и мочуриштата. Покрај милениците, најголема опасност им се заканува на децата. Неколку сафари паркови, меѓу кои и оној во градот Фалмут, се привремено затворени додека не се стабилизира ситуацијата.

Во моментов, спасувачките екипи се фокусирани на евакуација на населението и обезбедување на најпогодените подрачја. Властите очекуваат водостојот да продолжи да расте во следните 48 часа, додека остатоците од ураганот се движат кон Карипските острови.

Според Гардијан и Ројтерс, ова е „најкатастрофалната бура што ја погодила Јамајка откако се водат записи“.