Пресврт на Балканот: САД ги укинаа санкциите против Милорад Додик и повеќемина негови блиски соработници
Причините за укинувањето на санкциите не се наведени во одлуката, која следи откако Додик го прифати неговото разрешување од функцијата претседател на Република Српска и повлекувањето на законот што парламентот на ентитетот го донесе во декември минатата година, а чија цел беше да го блокира дејствувањето на судските и полициските органи на Босна и Херцеговина.
Администрацијата на американскиот претседател, Доналд Трамп, ги укина санкциите против поранешниот претседател на Република Српска (РС), Милорад Додик. Од списокот на санкционирани се отстранети и имињата на неговата најблиска соработничка Жељка Цвијановиќ, членка на претседателството на Босна и Херцеговина (БиХ), како и на повеќе други лица и фирми блиски до Додик, пренесоа медиумите во регионот.
Одлуката за укинување на санкциите денеска на својата веб-страница ги објави Министерството за финансии на Соединетите Американски Држави (САД), односно неговата Канцеларија за контрола на странски средства – ОФАЦ (OFAC).
Во објавата на одлуката, покрај Додик и Цвијановиќ, наведени се и имињата на уште 28 лица за кои се укинуваат санкциите, а меѓу нив се децата на експретседателот на ентитетот Република Српска, односно неговиот син Игор и ќерката Горица, потоа претседателот на парламентот на РС, Ненад Стевандиќ, како и голем број актуелни и поранешни функционери во ентитетските и владините тела на БиХ.
Претходно воведените санкции се укинати и за Синиша Каран, кој е кандидат на партијата на Додик на предвремените избори за претседател на Република Српска, закажани за 23 ноември.
Од списокот на санкционирани фирми се отстранети и голем број компании поврзани со семејството Додик, а кои претходно се најдоа на оваа листа поради сомневања дека нивните средства се користат за финансирање на владата на Додик и за незаконски активности.
По објавувањето на одлуката на САД, се огласи претседателот на парламентот на Република Српска, Ненад Стевандиќ, чие име повеќе не е на листата на санкционирани функционери на РС.
Инаку, Соединетите Американски Држави првпат воведоа санцкии против Додик во 2017 година, за време на администрацијата на поранешниот американски претседател Барак Обама, а кои подоцна беа засилени, бидејќи, освен за поткопување на Дејтонскиот договор, тој беше означен и како лице вмешано во коруптивни активности.
Пред десет дена ОФАЦ од листата на санкционирани ги симна имињата на четири лица од ентитетот на БиХ, Република Српска, воведени поради организирањето на прославата на 9 јануари, неуставниот ден на Република Српска.
Станува збор за санкциите кои претходно беа воведени кон Данијела Драгичевиќ, Јелена Пајиќ Баштинац, Дијана Миланковиќ и Горан Раковиќ, потсетува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа.
Иако САД ги укинаа санкциите, Додик сè уште има забрана за влез во Словенија, Австрија, Германија, Полска, Литванија и Естонија.




