Директорот на „Комунална хигиена“ и раководителот сè уште во полициска станица
Директорот на „Комунална хигиена“ Сабахудин Рустеми и уште едно лице од раководството на јавното претпријатие се уште се во полициска станица. Тие беа приведени вчера во попладневните часови и денеска се очекува да добијат кривична пријава во врска со несобирањето на отпадот во Скопје.
„Лицата се задржани во полициска станица и постапката е во тек, информираа од Основното јавно обвинителство“, од каде најавија дека за случајот денеска ќе има повеќе информации.
Рустеми и уште еден функционер на „Комунална хигиена“ беа приведени како дел од истрагата која ја започна Основното јавно обвинителство минатата недела иницирана од неработењето на јавното претпријатие што резултираше со натрупување на огромни количини ѓубре во главниот град. Нередовното собирање на отпадот од контејнерите креираше кризна состојба во главниот град, што го доведува во опасност здравјето на граѓаните. Епидемиолозите предупредија дека е можна појава на стаорци, кои се пренесувачи на многу заразни болести, а Институтот за јавно здравје издаде препораки за граѓаните.




