Орце Ѓорѓиевски најави формирање градска градежна инспекција во Скопје
Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, најави дека доколку ја преземе градската функција, ќе формира сопствена градежна инспекција во рамки на Град Скопје.
„Никој нема да има повластувања наспроти некој друг“, подвлече Ѓорѓиевски во гостувањето во утринската емисија „Стадион“ на Канал 77. „Она што недостасува во синџирот е Град Скопје да има сопствена инспекција“, додаде тој.
Ѓорѓиевски се повика на своето искуство како градоначалник на Општина Кисела Вода. „Во Кисела Вода нема позиција каде што се направило незаконско градење да нема постапување од нашите служби“, рече тој повикувајќи се на своето искуство во последните четири години во Кисела Вода.
Дополнително, тој откри дека градежните инспектори од Кисела Вода често помагале и во други општини каде што имало потреба, по барање на колеги градоначалници.
Како алтернативна можност, Ѓорѓиевски ја разгледува и идејата за централизирани инспекции на ниво на град, со цел да се лоцира хиерархијата на одговорност.
