Пелистер станува атрактивна туристичка дестинација со нови проекти и инвестиции

Македонија, Политика

Општина Битола вложува значителни средства во развојот на Потпелистерието, со цел ова подрачје да стане атрактивна туристичка дестинација во сите четири сезони. Градоначалникот Тони Коњановски го потпиша договорот за изработка на физибилити студија и техничка документација за изградба на гондола од селото Дихово до врвот Пелистер. Студијата ќе опфати детална анализа на теренот, технички спецификации, можности за летни и зимски активности, како и планирање на инфраструктурата.

Во рамки на Националниот парк, Општина Битола обезбеди поддршка за изградба на Авантуристички парк на Пелистер, како и продолжување на реконструкцијата на планинарскиот дом „Копанки“, кој ќе се врати како омилено собиралиште за љубителите на планината.

Паралелно, се реализираат бројни инфраструктурни зафати, меѓу кои реконструкција на локалниот пат во село Цапари, изградба на колекторски систем и пречистителна станица во Националниот парк Пелистер, реконструкција на патот од село Трново до границата со паркот и инфраструктурни интервенции во село Брусник. Овие инвестиции ја подобруваат пристапноста, квалитетот на животната средина и условите за престој на туристите.

 

Во зимскиот период, Општина Битола во соработка со ЈП „Пелалинк“ овозможи бесплатен превоз до скијачките центри Нижеполе и Копанки, кој го искористија над 600 граѓани, најмногу млади љубители на зимските спортови.

Со овие активности, Општина Битола продолжува да инвестира во туризмот, инфраструктурата и животната средина, создавајќи предуслови Потпелистерието да стане дестинација која привлекува посетители целата година.

Видеото може да го погледнете тука