Коњановски: Граѓаните активно учествуваат во креирањето на буџетот на Битола

Македонија, Политика

Битола денеска се одржа првиот од четирите предвидени буџетски форуми, со цел граѓаните активно да учествуваат во креирањето на општинскиот буџет и да ги посочат приоритетните проекти.

Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, во своето обраќање нагласи дека транспарентното распоредување на буџетот со активно учество на граѓаните останува главен приоритет на општинската администрација.

„Заедно со Вас граѓаните, реализиравме голем број на проекти во изминатите четири години, а така ќе биде и во наредните четири. Повторно дел од Вашите идеи ќе бидат реализирани, а Вашите размислувања се дел од создавањето на заедничката успешна приказна за уште поголем развој на нашата општина“, истакна Коњановски.

 

 

На форумот присуствуваа раководители од општинската администрација, претставници на месните и урбаните заедници, невладиниот сектор, битолскиот Универзитет, како и сите граѓани кои сакаат да се вклучат во процесот на буџетирање.

На првата сесија беа дефинирани програмите кои ќе бидат разработени на следните две сесии, а учесниците ќе гласаат за конкретните предлози на последната, четврта сесија. Овој процес овозможува партиципативно граѓанско учество во креирањето и реализацијата на општинските програми и стратешки планови.