Ограничените маржи ја уриваат трговијата: затворања и отпуштања низ Србија

Lifestyle, ЕКОНОМИЈА / ФИНАНСИИ

Речиси сите поголеми малопродажни синџири во Србија најавуваат затворање на свои објекти ширум земјата, како директна последица од владините мерки за ограничување на трговските маржи, воведени по иницијатива на претседателот Александар Вучиќ. Според весникот Време, стотици вработени би можеле да останат без работа во наредните месеци.

Синџирот Гомекс веќе затвори неколку продавници – три во Нови Пазар, една во Чачак и две во Златибор. Весникот дознава дека до ноември ќе следува затворање на уште најмалку 15 продавници, меѓу кои и објекти во Крагуевац, Смедеревска Паланка и Белград.

Паралелно со тоа, од компанијата си заминал и основачот Горан Ковачевиќ, познат по своите критички ставови кон економските политики на државата. Иако формално поднел оставка, според изворите на Време, тој бил принуден да се повлече поради несогласувања со насоката во која се движи економската политика.

 

Слични потези најавуваат и другите трговски ланци. ДИС ќе ја затвори продавницата во центарот на Белград, како и уште два објекти во други делови од градот. Меркатор планира да затвори десетици продавници до крајот на годината, додека Делез ќе стави катанец на најмалку десет свои продажни места.

Според економските аналитичари, ограничувањето на маржите може да донесе краткорочно олеснување за потрошувачите, но во пракса предизвикува удар врз трговците и пазарната стабилност, особено во малите и средни градови.