
Ѓорѓиевски до жителите на Бутел: „Да го направиме Скопје што чекори напред“
Кандидатот за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, вечерва се врати во својот роден Бутел, место полно со спомени од детството, за да се заблагодари на жителите за поддршката во првиот круг и да му честита на Дарко Костовски за победата во општината.

„Бутел повторно е во сигурни раце и знам дека ќе продолжи да се развива со истата енергија, посветеност и визија“, истакна Ѓорѓиевски. Тој нагласи дека со поддршката од граѓаните во вториот круг ќе биде партнер на Бутел како никогаш досега.

Ѓорѓиевски најави конкретни проекти за општината: изградба на нов кружен тек на крстосницата „Бутелска“ – „Александар Урдаревски“, реконструкција на улиците, поставување нови тротоари и современо лед осветлување, како и целосна фекална и водоводна мрежа за Бел Камен.
„Ќе ја поврземе ‘Бутелска’ со ‘Христијан Тодоровски-Карпош’, а реконструкцијата на Качанички Пат ќе создаде модерен влез во градот. Реката Серава ќе ја вратиме на граѓаните – чиста, уредена, со пешачки и велосипедски патеки што ќе станат гордост на Бутел“, додаде тој.

Ѓорѓиевски повика на масовно излегување на гласање и единство за да се обезбеди „историска победа за Скопје“.
„На Скопје повеќе не му требаат експерименти. Да победиме заедно!“, заклучи Ѓорѓиевски.