
Градот тоне во отпад, Ѓорѓиевски најавува итна акција за спас на Скопје
Градоначалникот на општина Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави голема акција за расчистување на главниот град, поради, како што рече, целосната нефункционалност на ЈП „Комунална хигиена“.

„Скопје веќе подолг период е претворено во една голема депонија. Нашите сограѓани редовно ги плаќаат сметките, но не ја добиваат услугата за која плаќаат. Оваа состојба мора да престане“, изјави Ѓорѓиевски.

Денеска, на иницијатива на градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, во рамките на ЗЕЛС се одржал состанок со сите скопски градоначалници, со цел да се најдат решенија за проблемите со управувањето со отпадот.
„Во изминатите денови, сите градоначалници од скопскиот регион, со поддршка од општествено одговорни компании, се обидуваме да го амортизираме хаосот што го зафати градот. Денес разговараме не само за тоа како да делуваме во наредните неколку дена, туку и како трајно да го решиме проблемот со хигиената во Скопје“, додаде Ѓорѓиевски.

Тој апелираше и до раководството на депонијата „Дрисла“ да не врши опструкции при влезот на механизацијата која ќе биде насочена кон транспортирање на отпадот од улиците.
„Ако има потреба, ќе побараме поддршка и од нашите колеги од другите градови. Целта ни е заеднички да го спасиме Скопје од оваа агонија. Во првите 72 часа по преземањето на функцијата градоначалник, ќе го исчистиме Скопје“, порача Ѓорѓиевски.