„Испив 3-4 чаши ракија, но мислев дека можам да возам” – изјави таксистот кој го усмрти 33-годишниот Мартин од Кратово
Во Основниот суд во Куманово продолжи судењето против Златко Јовановски од Кратово, кој во алкохолизирана состојба минатата година го усмрти пешакот Мартин Димитров (33) од Кратово. Јовановски е обвинет за кривичното дело Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот затоа што на 19 јануари 2024 со своето возило удрил во Димитров и му нанел сериозни повреди, од кои почина на 12 март 2024 по 50 дена поминати во болница.
Јовановски пред судот не призна вина и побара ослободителна пресуда. Тој раскажа како критичното попладне на празникот Богојавление, враќајќи се од Куманово, свратил кај негов пријател во Крива Река. Таму испил 3-4 чашки ракија и по 10-15 минути тргнал кон дома. Додека возел во атарот на селото Живалево го пресретнало возило со долги светла, што го заслепило. Откако се разминале, во темницата забележал силуета, но растојанието било многу мало. Имал време само да сврти налево за да го избегне, но со десниот фар го удрил во пешакот. Кога застанал и се вратил, го пронашол повредениот Мартин. Го свртел на грб за подобро да дише и заминал во продавница која била одалечена околу 500 метри за да донесе вода да го освести. Таа била затворена, но имало неколку луѓе на кои не им кажал што се случило. Се вратил сам и повикал брза помош и полиција. При алкотестот му биле утврдени 1,4 промили алкохол во крвта.
Јовановски тврдеше дека и покрај тоа што испил околу 200 грама алкохол, се чувствувал сигурен да управува со автомобилот, бидејќи 15 години бил професионален таксист и поминал над два милиона километри. Кажа дека досега не направил ниту еден сообраќаен прекршок, но првиот излегол многу фатален и за него и за семејството Димитров, поради што многу жали и се кае.
Јавниот обвинител во завршните зборови кажа дека сите докази на главната расправа покажале дека обвинетиот го сторил делото, бидејќи возел во алкохолизирана состојба и задоцнил со реакцијата да ја избегне сообраќајната незгода. Во однос на наводите во обвинението дека Мартин имал придонес за несреќата со тоа што се движел покрај десниот раб на коловозот, кажа дека законот предвидува пешакот да се движи по левата страна доколку смета дека е побезбедно за него и за другите учесници во сообраќајот.
„Ова значи дека движењето на пешакот не е неочекувано за секој возач, па конкретно и за обвинетиот, кој бил свесен дека е под дејство на алкохол, но сепак одлучил да вози, така што ова кривично дело го сторил со умисла“, кажа обвинителот.
Сдк.Мк
