
Младинците блеснаа – Македонија со 9:0 го прегази Гибралтар и оди во елитна фаза!
Македонската фудбалска репрезентација до 17 години оствари историски успех, пласирајќи се во елитната фаза од квалификациите за Европското првенство, откако денеска во Турново го декласираше Гибралтар со убедливи 9:0.
Избраниците на селекторот Владимир Колев одиграа фантастичен натпревар и покажаа апсолутна доминација на теренот. Со овој триумф, Македонија го освои второто место во групата 2 и благодарение на подобрата гол-разлика од Унгарија обезбеди место меѓу најдобрите европски селекции.
Хет-трик постигна Папалиски (23’, 44’, 68’), додека во листата на стрелци се запишаа и Љачка (34’), Михајловски (41’), Цветковски (53’), Џангаровски (56’, 61’ – пенал) и Мамути (89’). Нашите млади надежи имаа уште неколку одлични шанси и можеше резултатот да биде и двоцифрен.
Во другата пресметка од групата, Чешка ја совлада Унгарија со 7:1, што дополнително ги потврди нашите надежи за пласман во следната рунда.
Со оваа победа, генерацијата на Колев ја потврди својата класа и ја продолжи традицијата на успешни настапи на младите македонски репрезентации во европските квалификации.