Коњановски: Во секое маало – парк, зелено катче и детска игра

Балкан, Македонија, Политика

Кандидатот за градоначалник на Општина Битола, Тони Коњановски, најави дека градот продолжува со засилената динамика на уредување нови зелени површини и создавање современи простори за рекреација и одмор.

„Зад мене е новиот уреден парк во Нова Битола, кој претставува уште еден чекор во создавањето на поубав, поурбан и позелен град,“ истакна Коњановски, додавајќи дека на оваа површина, која претходно била целосно запуштена, сега е изграден парк со хортикултурно уредување, нова урбана опрема, детски и спортски реквизити и современо осветлување.

Тој нагласи дека ваквите инвестиции значително придонесуваат за подобрување на квалитетот на животната средина, како и за збогатување на јавните простори што ги користат граѓаните за одмор, дружење и спорт.

 

„На голема радост на најмладите, континуирано се работи на создавање нови детски катчиња за игра и рекреација. Уредивме паркови во Карпош, Долно Оризари, кај училиштето ‘Климент Охридски’, на улиците Север–Југ и Смилевски конгрес, како и ново детско катче во Градскиот парк,“ додаде Коњановски.

Тој порача дека Битола треба да биде град на зеленило, уреден јавен простор и среќни деца, бидејќи токму таквите проекти, според него, претставуваат највредната основа за здрава и современа заедница.

Видеото може да го погледнете тука