
Ѓорѓиевски: Пензионерите, лицата со попреченост и социјално загрозените ќе добијат целосна поддршка
Кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, ја претстави својата визија за главниот град како место што се грижи за сите граѓани, без разлика на возраст, здравствена состојба или социјален статус.
„Скопје ни е дом на сите нас – на младите кои сонуваат, на семејствата кои градат иднина, на старите кои нè воспитале и на сите кои заслужуваат достоинствен живот“, истакна Ѓорѓиевски, нагласувајќи дека главниот град не смее да биде место на нееднаквости.
Како дел од програмата за грижа кон повозрасните граѓани, кандидатот најави воведување на финансиска поддршка од 2.500 денари за пензионерите со најниски примања и целосно реновирање на пензионерските клубови низ градот. Дополнително, ќе биде воведена „Skopje City Go“ картичка за бесплатни или субвенционирани услуги на градските јавни претпријатија, музеи, библиотеки, кина и други културни и рекреативни установи.
Ѓорѓиевски посвети посебно внимание и на лицата со попреченост, најавувајќи воспоставување на пристапност до институциите, воведување офицер за асистенција при административни постапки, дигитална достапност на Градскиот портал со толкувачи на знаковен јазик, како и финансиска и стручна поддршка за семејствата.
Покрај тоа, кандидатот најави мерки за социјално загрозените граѓани, отворање прифатни центри за бездомници, како и центар за лица со дијабет и ретки болести со едукативни и психосоцијални услуги.
„Грижата за луѓето не е популизам. Таа е суштината на јавната служба. Скопје што се грижи, Скопје што слуша, Скопје кое не остава никого зад себе – тоа е градот што го гледам пред себе“, порача Ѓорѓиевски, најавувајќи комплексна и инклузивна програма за целиот град.