
САКАТЕ ДА КУПИТЕ СТАН И ДА ГО ИЗДАВАТЕ: Охрид, Струга или Дојран – кој е најдобриот избор?
Ако сакате да купите стан со намера да го издавате за туристи, се смета дека Охрид е најдобриот избор. Ова го потврдуваат луѓето од Струга и од Дојран кои веќе издаваат апартмани, но и од агенција за недвижности од Охрид, се согласуваат дека во градот има поголем наплив на туристи, голем дел и странци од богати земји што е особено важно, градот е полн не само преку лето, туку и за празниците преку годината што носи прилив на пари. Нашите соговорници го делат мислењето дека Охрид е најпопуларен од туристичките центри и најдобро е таму да се инвестира во недвижности. Кога имате конечна одлука за градот каде сакате да инвестирате, важно е да се утврди и локацијата во самиот град која е достапна и атрактивна.
„Охрид е најдобар избор, ако сакаат да заработат повеќе пари. Имаме најдолга сезона, но и повисоки цени за издавање за разлика од Дојран или Струга. Има луѓе што издаваат и тоа многу, сѐ повеќе и повеќе имаме апартмани. Сега на странците им е интересно по селата Трпејца, Љубаништа, Коњско, сакаат да одат понастрана. И таму да купат имот, ќе се исплати. Во Струга послабо се купуваат имоти за рентање, оти има помалку работа. Охрид е полн и за други празници преку годината. Гарсониерите се најдобри, ама се најскапи. Може да си земат стар стан, и во 90 квадрати, да направат 3 апартмани, ќе вложат, но ќе се исплати со текот на времето. Од булевар Туристичка десно кон езерото, таа локација би ја препорачале. Тој дел од градот прв се полни со гости, па потоа другите“, велат од агенција за недвижности од Охрид.
Од оваа агенција додаваат дека за 10 до 12 години, оној кој вложил во недвижен имот треба да ја поврати инвестицијата преку издавање, во спротивно истиот потег не се исплати. Стружани велат дека кај нив туристичката сезона е кратка и тоа го гледаат како недостаток.
„Кратка е сезоната, во Охрид повеќе ќе се исплати да се купи имот за издавање. Во Струга доаѓаат повеќе домашни гости. Бројот на странски туристи кај нас е помал во однос на Охрид. За празниците исто послаби сме со посети во однос на Охрид. Во градот има конкуренција за соби, апартмани, има многу луѓе што издаваат. Цените за сместување во Струга се пониски за разлика од Охрид“, додава Силвана од Струга.
Дојранчани се соочуваат со истото, кај нив најчесто летуваат домашни туристи, а како транзитни туристи ги имаат Србите.
„Во Дојран преку зима е замрено, а сезоната трае 2-3 месеци, ништо повеќе. Охрид е подобра опција затоа што и во зима и во лето има раздвиженост, има странски туристи. Само Србите и Грците доаѓаат од странските туристи кај нас. Србите не престојуваат во Дојран цел одмор, туку само поминуваат, преспиваат една или две ноќи за да се одморени. Овие се гости на поминување. Има многу луѓе што издаваат, а туристи нема многу“, рече Рушка Газетиќ од Дојран.
Но, важно е да се напомене дека годинава цената на квадрат на некои локации во Охрид се искачи на рекордни 4.000 евра. Становите ги купуваат скопјани, но и странци.
Во Струга, квадрат во нова зграда чини од 1.200 евра до 1.700 евра. Во Дојран, квадрат се продава од 850 до 1.000 евра. Дали станот има поглед кон езерото или не, тоа е фактор што ја диктира цената.