Проданоски: За современ, безбеден и економски силен Прилеп

Македонија, Политика

митингот на ВМРО-ДПМНЕ во Прилеп, кандидатот за градоначалник Дејан Проданоски ја претстави својата визија за развој на градот, истакнувајќи ја важноста на историското наследство и современиот развој.

„Денес, стоиме на место каде што предците го започнаа народното востание. Нивната борба беше за слобода, а нашата борба денес е за напредок, развој и достоинствен живот тука, дома“, рече Проданоски.

Тој потенцира дека градот долго време бил маргинализиран, но со поддршка од Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, веќе се реализираат инфраструктурни проекти од историско значење, како модерниот пат од Градско до Фариш и изградбата на автопатот кон Битола.

Проданоски нагласи четири клучни столбови за развој на Прилеп:

Урбана и еколошка обнова – решавање на проблемот со Градската Река, изградба на кејски ѕидови, пешачки и велосипедски патеки, нови паркови и обиколници за подобрување на сообраќајот и намалување на загадувањето.

Силна економија и нови работни места – уредување на индустриските зони „Прилеп 4“ и „Прилеп 5“, создавање услови за нови капацитети и поддршка на малите и средни претпријатија.

Квалитетен живот за сите генерации – изградба на нова детска градинка, реконструкција на училишта, спортски сали и културни институции, како и грижа за старите лица преку јавен сервис за помош и реконструкција на старскиот дом „Киро Крстески-Платник“.

Модерна, ефикасна и безбедна општина – воведување на електронски услуги за граѓаните и реализација на проектот „Safe and Smart City“ со видео надзор на клучни локации.

„Ова не е само список на проекти. Ова е наша визија за Прилеп – град кој е економски силен, зелен, безбеден и грижлив за сите жители. Град каде што младите остануваат, семејствата напредуваат, а нашите највозрасни живеат со почит“, рече Проданоски, повикувајќи ги граѓаните на партнерство во остварување на плановите.

На митингот присуствуваа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, носителката на листата на советници Билјана Кржеска, пратеници, поранешни градоначалници и членови на партијата.