
Столе Димитриевски како ѕид – Македонија остана непоразена и прва во групата!
Фудбалската репрезентација на Македонија ја задржа првата позиција во квалификациската група за Светското првенство 2026, откако во Брисел одигра 0-0 против фаворизираната Белгија. Со овој бод, избраниците на селекторот Благоја Милевски потврдија дека сериозно конкурираат за историски пласман на Мундијалот во САД, Канада и Мексико.
Белгија доминираше од првата до последната минута, со над 25 обиди кон голот на Столе Димитриевски, но македонскиот чувар на мрежата блескаше и ја држеше одбраната цврсто на нозе. Иако ривалот настапи со ѕвезди како Тросар, Де Брујне и Салемекерс, Македонија успеа со дисциплинирана игра и борбеност да го неутрализира „тоталниот фудбал“ на селекцијата на Руди Гарсија.
Белгијците имаа поништен гол во 18. минута поради офсајд, а неколку минути подоцна Тросар и Кастањ пропуштија одлични шанси. Најголемиот јунак беше Димитриевски, кој во вториот дел со неколку спектакуларни интервенции го сочува ремито. Милевски ги внесе Чурлинов и Ристовски за да ја одржи свежината во нападот, а кон крајот влегоа и Деспотовски и Алими за дополнителна стабилност во средниот ред.
Македонскиот тим издржа под постојан притисок и го освои „златниот бод“, кој може да се покаже клучен во трката за место на Светското првенство. По осум кола, Македонија е лидер со 12 бода, пред Белгија со 11 и Велс со 10, но со натпревар помалку.
Следниот предизвик за „црвено-жолтите“ е дуелот со Казахстан во Скопје во понеделник (20:45 часот), каде ќе се обидат да ја потврдат својата сензационална форма и да останат на патот кон светската сцена.