Трамп предложи Шпанија да се исфрли од НАТО

Свет

Претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп синоќа предложи НАТО да размисли за исфрлање на Шпанија бидејќи заостанува зад другите членки во однос на воените трошоци.

Во јуни, членките на алијансата што е најмногу финансирана од САД се согласија значително да ги зголемат воените трошоци, на пет проценти од бруто домашниот производ. Така, барањето на Трамп европските членки да трошат повеќе за сопствена одбрана беше прифатено.

Но, шпанскиот премиер Педро Санчез во тоа време рече дека нема да се обврзе на целта од пет проценти, нарекувајќи ја „некомпатибилна со нашата социјална држава и визија за светот“.

На состанокот во Овалната соба со лидерот на другата најнова членка на НАТО, финскиот претседател Александар Стаб, Трамп рече дека европските лидери мора да ја убедат Шпанија да ги засили своите обврски кон алијансата.

„Ќе мора да почнете да разговарате со Шпанија“, рече Трамп.

„Тие немаат изговор да не го направат тоа, но тоа е во ред. Искрено, можеби треба да ги исфрлите од НАТО“, додаде американскиот претседател.

Шпанија се приклучи на Северноатлантскиот договор во 1982 година. Западниот сојуз од 32 земји со цел заедничка одбрана и одвраќање е во фокусот откако Русија ја нападна Украина во 2022 година и ја започна најсмртоносната копнена војна во Европа од Втората светска војна.