Штип викендов ќе биде модната престолнина на Македонија – не е важно од каде доаѓаш, важно е да си таму!

Lifestyle, Дали Знаете

Десетина поголеми текстилни компании од Штип и исто толку помали конфекции вечерва и утре (10 и 11 октомври) ќе учествуваат со свои модни ревии на вториот моден саем „Shtip Fashion Days 2025“, на кој ќе ги прикажат најновите модни креации.

Во рамките на модниот викенд ќе бидат прикажани креации на познати дизајнери, модни куќи и текстилни компании, кои со својата работа го истакнуваат модниот идентитет и традицијата на нашиот град како центар на текстилната индустрија во Македонија. Настанот е од отворен карактер и е наменет за сите заинтересирани посетители што сакаат да уживаат во уникатен моден амбиент, инспирација и креативност.

„На втората модна манифестација, покрај познатите конфекции од Штип, кои се водечки во земјата, ќе учествуваат и студенти на технолошките и модните факултети во Македонија, кои ќе ги презентираат своите најнови творештва“, велат од Општина Штип, која е главен организатор.

Како што најави Вишна Шорова од Општина Штип, со почеток од 19 часот, манифестацијата ќе се одржи во објект кај Царинскиот терминал и е со истата цел од лани: да се врати сјајот на Штип.