Путин испраќа 25.000 Кубанци на фронтот во Украина; „Помалку мртви Руси“, тврди Киев

Свет

Според украински извори, дури 25.000 Кубанци би можеле да се борат за Русија, што ги надминува дури и Севернокорејците како најголем странски контингент на фронтот, пишува Forbes.

Украинскиот разузнавач Андриј Јусов изјавил дека на рускиот режим му одговара користење странски платеници: „Ако гине странец, нема социјални трошоци, нема незадоволни семејства во Русија – и, се разбира, има помалку мртви Руси.“

Британската разузнавачка служба проценува дека Русија има над милион жртви, што го натера Кремљ да регрутира или принудно вработува странци од Африка, Латинска Америка и Централна Азија.

Финансиски мотиви и измами

Многу Кубанци се привлечени од платата – наводно околу 2.000 долари месечно, што е огромна сума споредено со просечната кубанска плата од 20 долари. Некои изјавиле дека биле измамени – наместо градежна работа, завршиле на фронтот.

Аналитичари тврдат дека регрутацијата во вакви размери е невозможна без барем молчалив пристанок од властите во Хавана, иако тие негираат официјално учество.

Според доверлив документ на Стејт департментот, проценето е дека моментално меѓу 1.000 и 5.000 Кубанци веќе се борат во Украина.

Украинската пратеничка Олесандра Устинова рече дека праќањето Кубанци и Севернокорејци е повеќе политичка порака отколку воена стратегија: „Русија сака да покаже дека има партнери. Убивме околу 40 Кубанци – имаме нивни пасоши како доказ.“