ИНТЕРВЈУ за Булевар – Тоневски: Време е Пробиштип повторно да биде град со енергија, развој и иднина

Македонија, Политика

Тоневски, бевте градоначалник два мандати. По пауза од 8 години, повторно сте кандидат за градоначалник. Што ве поттикна да се кандидирате? Што беше клучниот мотив да се вратите во локалната политика токму сега и што сметате дека можете да понудите различно или подобро во однос на претходните два мандати?

Jас цел живот живеам во Пробиштип и сакам нашите деца да останат покрај нас, да им пружиме убав, среден и модерен град. За жал, во изминативе години Пробиштип стагнираше, а во одредени области и назадуваше. Се чувствува апатичност меѓу нас – жителите, и иселувањето е резултат на тоа. Локалната администрација која јас ја паметам има стручност, но тврдам дека нивниот потенцијал остана неискористен поради недостиг на визија и јасни приоритети. Се решив повторно да се кандидирам затоа што не можам рамнодушно да гледам како градот ни се празни, како моите сограѓани ја губат вербата дека нешто може да се промени или раздвижи. Ова наше мало градче отсекогаш имало енергија, развој и радост за живеење, а тоа сме го покажале претходно.

Мојата програма, изработена заедно со тимот од советничката листа и во консултација со граѓаните, содржи повеќе од 160 конкретни проекти кои ќе донесат видливи резултати. Тоа се јасни активности кои ќе се видат и почувствуваат во секојдневието – нови улици, почисти маала и раздвижен град. Сакам младите да гледаат иднина тука, во својот град, а повозрасните генерации да чувствуваат дека трудот и годините поминати во Пробиштип не биле залудни. Нашите сограѓани заслужуваат повеќе од само бирократско администрирање со општината – заслужуваат град со душа, со јасна визија и со иднина во која секој ќе си го гледа своето место. Тоа е мојата цел – нашиот Пробиштип да го врати својот сјај, како на терен, така и душевно кај сите нас.

 

Пробиштип важи за мирно и убаво мало градче, но како и многу други општини во Македонија, се соочува со сериозен проблем – иселувањето на жителите, особено на младите. Колку, според вас, оваа појава го менува секојдневието на градот и неговата перспектива? Што конкретно планирате да преземете за да го спречите понатамошното празнење на Пробиштип и за да ги задржите луѓето тука, пред се младите семејства?

Покрај бројките од истражувањата, секој кој живее во Пробиштип го гледа и го чувствува проблемот со иселувањето. Како родител, тоа ме погодува уште повеќе. Оваа појава целосно ја менува демографската структура на градот. Имаме се помалку новороденчиња, сè помалку ученици во училиштата, а за жал и сè помалку стручно образовани луѓе кои се подготвени да останат и да придонесат за развој на нашата општина. Голем дел од младите заминуваат не затоа што сакаат, туку затоа што не можат да најдат работа, или затоа што немаат можност да изградат дом во својот град – затоа одат во соседни места или надвор од земјата.

Затоа мојата цел е да преземеме најитни мерки за да пружиме можности и промениме овој немил тренд. Ќе воспоставиме соработка со поголемите компании за да им овозможиме сигурни работни места на најдобрите ученици и дипломци. Еден од моите први приоритети е донесување на нов Генерален урбанистички план. Со него ќе отвориме можности за нови градежни парцели за семејни куќи и за развој на индустриска зона која ќе биде насочена кон незагадувачка индустрија.

Посебно внимание ќе посветиме на младите брачни парови. Сите знаеме колку е тешко да се започне самостоен живот во малиот град. Затоа предвидуваме субвенционирање на комуналниот надомест за младите до 35 години, како и бесплатни проекти за типски куќи. Тоа ќе биде големо олеснување за секој кој сака да остане во Пробиштип и да изгради свој дом.

За младите, пак, кои сакаат да започнат свој сопствен бизнис, ќе обезбедиме бесплатен канцелариски простор и административна поддршка. Младешкиот дух е полн со енергија и идеи, а ние може само да направиме можност и да го негуваме тоа. Со оваа поддршка, ќе им овозможиме да ја претворат својата креативност и талент во успешни приказни што ќе носат придобивки и за нив, и за градот.

Ќе подготвиме и Водич за инвеститори, кој транспарентно ќе ги прикаже сите можности за вложување во Пробиштип. Со тоа сакаме да привлечеме нови инвестиции, нови компании и нови работни места – а со самото тоа и подобрен животен стандард.

Моето убедување е дека луѓето не бараат многу – бараат достоинствена работа, можност за сопствен дом и средина во која нивните деца ќе растат со перспектива. Ако тоа го обезбедиме, нема да има потреба да заминуваат. Нашата визија е Пробиштип да биде токму такво место – мирен, среден и модерен град во кој младите ќе останат, ќе се развиваат и придонесуваат кон заедницата.

Често во вашите излагања ја истакнувате важноста на младите и нивната улога во општината. Меѓутоа, за да останат тука, тие бараат услови за квалитетен живот – подобро образование, можности за вработување, услови за спортување, културни настани, дигитални услуги и др. Што точно младите во пробиштип можат да очекуваат од вас доколку повторно станете градоначалник и со кои конкретни мерки ќе се обидете да ја задржите нивната енергија и иднина во градот?

Младите се нашата иднина, надеж и извор на храброст. Затоа наш аманет кон нив е да се потрудиме од петни жили да им пружиме можности да останат и да се развиваат овде. Нашата визија е подобрување на нивното секојдневие – нивното образование, спорт, култура, како и пружање на модерни услуги за кое знам дека младите многу ќе го ценат.

Во следните четири години ќе вложуваме во спортските капацитети, и тоа не само како терени за натпревари, туку како места каде што младите ќе се дружат и ќе растат заедно. Ќе го реконструираме фудбалското игралиште во Злетово, игралиштето во населбата Карпош и санација на спортските сали низ Пробиштип. Дополнително, ќе изградиме и ново игралиште за одбојка, затоа што токму одбојката е спорт кој традиционално се негува во Пробиштип и веќе донел државни награди. Секој млад спортист треба да чувствува дека неговиот труд е препознаен и поддржан, нешто зад кое јас и мојот тим цврсто стоиме.

Културата ќе добие посебно место. Во текот на летните месеци ќе организираме голем културен фестивал со програма за сите генерации. Локалните уметници ќе добијат шанса да се претстават пред пошироката јавност, но ќе се потрудиме да донесеме и поголеми имиња кои ќе го збогатат нашиот град. Со младите ќе организираме кино на отворено, како и хуманитарни и едукативни настани. А во Злетово ќе го реконструираме и повторно ќе го отвориме Домот на културата – со што ќе вратиме простор на граѓаните каде ќе се собираат, ќе разговараат и ќе се дружат.

Посебно важно е што најголем дел од услугите на општината ќе ги дигитализираме. Тоа значи дека младите, но и сите граѓани, ќе можат преку телефон да завршуваат многу обврски за неколку минути. Дел од тие акивности опфаќаат добивање документи, аплицирање за услуги или да ја следење на работата на општината. Со дигитализацијата не само што ќе им го олесниме животот, туку и ќе ја зголемиме транспарентноста. Луѓето ќе знаат како се трошат парите и што прави нивната локална власт.

Пензионерите претставуваат една од најголемите и најважни групи граѓани во општината. Често се зборува за подобрување на нивниот животен стандард, социјалните активности и пристапот до задравствените и рекреативни услуги. Кои се конкретните мерки што планирате да им ги понудите токму на пензионерите во Пробиштип, за тие да почувствуваат дека локалната власт им стои на располагање и дека нивниот придонес во заедницата е почитуван и ценет?

Нашите пензионери го дале најголемиот дел од својот живот за изградбата и развојот на Пробиштип. Денес тие заслужуваат мирни и достоинствени пензионерски денови, исполнети со грижа, внимание и активности што ќе им ја направат староста полесна и посреќна. За жал, поради иселувањето многу од нив остануваат сами во своите домови, а тоа создава уште поголема потреба локалната заедница да им помогне и да им даде чувство дека не се заборавени.

Затоа, уште веднаш по изборите ќе ја започнеме реализацијата на еден голем проект – реконструкцијата на зградата на поранешниот Интернат, која ќе ја претвориме во функционален Дом за стари лица. Таму пензионерите ќе имаат не само услови за сместување, туку и простор за дневни рекреативни активности, дружење и програми кои ќе им овозможат поквалитетно секојдневие.

Дополнително, делот од Здравствениот дом кој денес е нефункционален поради негрижата од актуелната локална власт, ќе го оспособиме во соработка со Министерството и здравствените институции, за да обезбедиме побрза и подобра здравствена услуга за нашите сограѓани. Со програмата предвидуваме и поддршка за замена на азбестниот кров на зградата на пензионерското здружение, како и континуирана поддршка за нивните активности во Пробиштип и Злетово. Покрај ова, знаеме дека дури и превозот е предизвик. Затоа ќе го унапредиме моделот на бесплатен превоз и ќе овозможиме линија и за жителите од периферните делови на градот.

Како и кон младите, имаме аманет и кон пензионерите – тоа се нашите родители, баби и дедовци, луѓето кои нѐ израснаа Пробиштип. Токму затоа нивната вклученост ќе ја поттикнуваме и во културните настани, и во заедничките активности со младите, бидејќи тоа треба да биде нашиот Пробиштип – град во кој за повозрасните се грижиме, а на младите им пружаме можности.

Во секоја изборна програма се зборува за иднината на општината, но граѓните сакаат да слушнат што конкретно ќе се промени во нивното секојдневие. Кој е развојниот правец што го предвидува вашата програма за Пробиштип и кои клучни проекти би сакале да ги реализирате во следните четири години?

Сите проекти кои се дел од нашата програма се внимателно избрани, како сеопфатни, итни и остварливи, затоа што им се потребни на пробиштипјани. Секако дека не застануваме само на оваа листа – туку заедно со граѓаните ќе реализираме уште многу идеи што ќе произлезат од нивните потреби, предлози, како и тековното работење.

Ќе ги обновиме парковите и зеленилото, затоа што сакам секое семејство да има простор за прошетки и одмор. Ќе инвестираме во заштита на животната средина – со нови возила за собирање смет, подземни контејнери за почисти улици, како и мерни станици за следење на квалитетот на воздухот. На секое семејство ќе му помогнеме со субвенции за клими, замена на прозори и енергетски ефикасни фасади, а учениците ќе добијат прочистувачи на воздух во секоја училница. Веднаш ќе започнеме со анализи и соодветни мерки кон решавање на еден најголемите проблеми – јаловишната депонија, која со години ја труе околината.

Посебен развоен правец ќе добие туризмот. Пониква и Лесново со своите природни убавини ќе станат вистинска атракција – со нови угостителски и сместувачки капацитети, планинарски и велосипедски патеки, услови за зимски спортови. Изградбата на новиот пат до Пониква ќе отвори можности за нови инвестиции, нови работни места и нова енергија во нашата општина.

Не забораваме ни на селата. Во периодот што следи, секое населено место ќе биде асфалтно поврзано. Тоа значи дека жителите на Шталковица, Јамиште, Пестришино, Кундино, Близанци и сите други ќе имаат безбеден и брз пристап до градот. А во самиот Пробиштип ќе изградиме и реконструираме нови улици и тротоари, затоа што секојдневието на луѓето почнува токму од основната инфраструктура.

Мојата визија е едноставна: Пробиштип да не биде само град каде што се живее, туку град во кој се ужива да се живее. Град што расте, се развива и нуди иднина за сите – за младите, за семејствата и за пензионерите. Верувам дека заедно можеме да ја изградиме таа иднина и да покажеме дека Пробиштип навистина вреди.