Орце Ѓорѓиевски најави урбан пресврт во Бутел – безбеден сообраќај и нови зелени зони

Македонија, Политика

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денес најави низа капитални проекти за Општина Бутел, меѓу кои изградба на кружен тек на крстосницата меѓу улиците „Бутелска“ и „Александар Урдаревски“, пробивање на нови улици и формирање на модерен мега парк.

– Кружниот тек е дел од стратегијата за уредување на 50 критични крстосници низ Скопје, со цел зголемена безбедност и ред во сообраќајот. Сакаме град со нула фатални несреќи до 2030 година – изјави Ѓорѓиевски.

Паралелно со тоа, ќе следи и целосна реконструкција на улиците „Бутелска“ и „Радишанска“, вклучувајќи нов асфалт, пешачки патеки, осветлување и атмосферска канализација за решавање на долгогодишниот проблем со поплави.

Планирано е и поврзување на „Бутелска“ со булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“, со што ќе се намали метежот и ќе се подобри пристапот кон Бутел.

Меѓу пошироките проекти се реконструкцијата на Стар Качанички пат и развојот на Економската зона Визбегово, а на урбанистички план, Бутел ќе добие и нов модерен мега парк долж булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“, со зелени површини, детски и спортски содржини.

Ѓорѓиевски најави и ревитализација на реката Серава со уредени зелени коридори, велосипедски и пешачки патеки.

– Овие проекти се дел од визијата за Скопје како безбеден, функционален и модерен град кој се развива во корист на граѓаните – порача тој.