
„ЦРКВАТА ШТО ЈА СОНУВАВ И ШТО ЈА СОЗДАДОВ!“: Груевски радосен за црквата Св. Константин и Елена
Поранешниот премиер во бегство Никола Груевски, на фејсбук ја искажа својата радост заради довршувањето и осветувањето на црквата Св. Константин и Елена, која почна да се гради во времето кога тој беше премиер, а по смена на власта изградбата беше стопирана.
-ОД СОН ДО СТВАРНОСТ: ЕПСКАТА ПРИКАЗНА ЗА ЦРКВАТА ШТО СЕ ВРАЌА ВО ЖИВОТ-ВОЗОБНОВУВАЊЕТО НА “СВЕТИ КОНСТАНТИН И ЕЛЕНА”
“Храмот што ги надживеа политичките бури”
Неодмана во вревата на еден септемвриски ден кога летото во Будимпешта се уште не се повлекуваше пред неминовниот марш на есента која во меѓувреме гордо го завзема своето место, ми пристигна една порака со еден линк кој водеше до еден прекрасен текст на порталот Нова Македонија, од пријател кој ги знае моите најдлабоки емоционални врски со градот каде сум роден.
“Прочитај го ова”, напишал кратко.
Кликнав на линкот и… о, Боже! Фотографиите блеснаа пред мене како визии, како соништа на будниот човек. Црквата! Црквата што ја сонував и што ја создадов(ме). Црквата во чие создавање се вложив, како што се вложив и кога го возобновувавме изгорениот дел на бигорскиот манастир, и на манастирот Трескавец, темелното реконструирање на манастирот во Зрзе, црквата во Новаци, и уште многу друго цркви и манастири низ Македонија.
Го отворив линкот и почнав да читам. Зборовите танцуваа во хармонија со фотографии од кои зрачеше топлина…
Текстот започнува вака:
“Новата црква „Св. Константин и Елена“ не е само црква. Таа е симбол дека ништо изгубено не е навистина изгубено ако постојат желба и љубов да се врати. Таа е потсетник дека верата може да издигне нешто величествено дури и таму каде што некогаш имало празнина. И токму затоа, ова светилиште е гордост не само за Скопје туку и за цела Македонија
Во срцето на Скопје, меѓу бучавата на секојдневието и трката по време, се издига храм што со својата убавина и спокојност ве тера да застанете. Црквата „Св. Константин и Елена“ е повеќе од здание – таа е чудо создадено со верба и љубов, храм што како да го чува сето достоинство на градот и на народот што со години чекаше да ја види повторно.
Оваа црква е една од најубавите нови цркви во Македонија. Надворешно со своите куполи и силуета ја збогатува градската панорама, а внатрешно е вистинско ремек-дело – простор во кој светлината и тишината се прегрнуваат. Кога ќе влезете, не ве пречекува само архитектура туку и чувство дека сте чекор поблиску до нешто возвишено.
Секој камен, секој свод, секој прозорец што пушта зрак светлина внатре е како дел од една тивка молитва. Просторот дише со хармонија, а атмосферата е толку силна што зборовите се премалку да го опишат. Чувствувате како ако го спуштите гласот – самата црква ќе ви одговори со топлина и мир.
За многумина од Скопје, овој храм е икона на враќање на нешто изгубено. Старото светилиште одамна исчезна, но споменот за него остана да живее во душите на луѓето. Денес новата црква е повеќе од замена – таа е продолжување, воскресение и надеж. Еден град што го преживеал најтешкото, повторно изгради светилиште што ќе стои како сведоштво за силата на верата…”
РАДОСТА И ТАГАТА
Така, преку овој текст дознав за довршувањето на црквата и морам да признаам дека со голема радост, но и со малку тага, ја примив веста дека деновиве свечено и со сите црковни церемонии ќе се освети и отвори за јавноста црквата Свети Константин и Елена.
Тоа е црква за која јас како премиер ја дадов иницијативата за градба во владата, и подоцна помагав во активностите за изградбата се до 2018 година, кога заминав од Македонија, време во кое црквата и камбанаријата веќе беа изградени, фасадата веќе беше целосно поставена на црквата и сеуште не беше поставена само фасадата на камбанаријата, а внатрешното фрескосување беше завршено над 50%, како што ми кажаа уметницие кои ги посетив во последните недели пред моето заминување од Македонија.
Се заедно мислам дека беа завршени приближно над 80% од објектот.
Со смената на власта и особено со моето заминување од Македонија во 2018 година, активностите целосно запреа. Новата власт ја гледаше таа црква како некој мој личен проект, и наместо да помогне да се заврши истата и да станат дел од тој грандиозен проект, водеше некаква истрага за тоа како се обезбедувале парите за градбата, од која ништо не се изроди. Во годините потоа бев разбрал дека сопственикот на градежната фирма, а и некои преставници на МПЦ и на Фондацијата која ја градеше црквата биле под одреден притисок со цел да им се изнудат инкриминирачки изјави против мене.
Тие не можеа да поднесат дека некој сака да гради храм, затоа што храмот ги потсетуваше на нивната сопствена духовна празнина.
Црквата “Свети Константин и Елена” не е единствениот проект или објект кој го обновивме, а кој некогаш бил еден од симболите на Скопје, за кој многумина скопјани од повозрасните групи мечтаеа.
На пример, повторно го изградивме стариот и срушен во земјотресот објект на македонскиот народен театар, овозможивме да се обнови објектот на некогашниот офицерски дом, сега со различна функција, ги вративме на улиците двокатните автобуси, се обнови зградата на некогашната народна банка на плоштадот Македонија, иако сега со современ изглед, но задржувајќи ја формата. Дури ги вративме и плажите на реката Вардар, како место за уживање, бидејќи веќе капењето во реката не е дозволено. Се изгради и спомен домот на мајка Тереза, во форма на мал музеј, на само двеста метри оддалеченост од местото каде била, итн.
Како што започнав, со голема радост, но и со малку тага ја примив веста за скорешното осветување на црквата.
Чувството на тага се појави во следниот миг. Неизбежната тага на човекот кој нема да биде присутен на триумфот на едно дело во кое дал огромен допринос.
Знаејки колку се вложив од идеја до реализација на овој проект, веројатно не е нескромно ако се вбројам меѓу творците на оваа црква. И тука се соочувам со една од најдлабоките егзистенцијални дилеми на човечкото постоење – парадоксот на творецот кој е отсечен од своето творештво. Оваа тага не е само лична – таа е универзална, таа е тагата на секој човек кој мора да се соочи со ограничувањата во својот живот и на својата смртност, со невозможноста да биде присутен на сите плодови на својот труд. Но, можеби токму во оваа отсутност се крие поубавата вистина – дека најголемите дела живеат независно од нивните творци.
Тоа е веројатно и вечната иронија на нашето постоење: волјата што нѐ тера да создаваме е истата таа што нѐ осудува да страдаме поради тоа што го создадовме.
Слична, иако не иста ситуација беше кога се постави камен темелникот на музејот на холокаустот. Тој се изгради со средства кои ги обезбедивме од тогашната влада каде јас бев министер за финасии, одкако се осмисли, предложи и донесе Законот за денационализација во 2000 година, чии подготвувач и предлагач до владата беше токму Министерството за финасии на чие чело бев во тие години, со кој закон за денационализација меѓудругото предвидовме креирање специјален фонд на холокаустот во кој проектиравме да влезат парите од вредноста на обештетувањето за одземените имоти на погубените 7.148 Евреи од Македонија во втората светска војна, кои немаат свои наследници и немаше кој да се обештети и да му се врати имотот, бидејќи покрај возрасните, биле убиени и нивните деца.
Никој не го бараше ниту пак го очекуваше тоа од нас. Никој никаде го немаше направено тоа пред нас. Но, го направивме тоа бидејќи веруваме дека така е праведно.
Праведноста не беше барање од надвор, туку заповед од нашата внатрешност. Не бевме робови на туѓите очекувања, туку творци на сопствената етика, законодавци на својата морална вселена.
Фондот имаше долги подготовки пред почетокот на градбата, па кога беше поставен камен темелникот на 2 септември 2005 година, веќе се беше сменила власта и во првите редови според протоколот беа преставниците на новата власт. Јас, без кој тој настан немаше да постои, бев поканет од фондот на холокаустот, дојдов и си застанав во последниот ред.
Малку луѓе ме забележаа. Со задоволство го проследив чинот на делото во раѓање кое во голема мера беше резултат на мојот труд и активност и си заминав исполнет со радост и задоволство од следната фаза на еден уникатен проект.
Целиот текст може да го проследите на овој линк.