
Нестабилно и постудено време, можна и прва појава на снег на планините – Скопје1.мк
Под влијание на циклон со центар над Џенова, во земјава следува период на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. На места врнежите ќе бидат обилни и поројни, проследени со грмежи и засилен југоисточен ветер. Локално се очекува да наврне над 20 до 25 литри дожд на метар квадратен.
И во Скопје и околината времето ќе биде променливо со врнежи, кои повремено ќе бидат поројни и проследени со грмежи и засилен ветер.
Истовремено, од исток и североисток ќе навлезе значително постуден воздух кој ќе предизвика пад на температурите за повеќе од 10 степени во однос на изминатите денови. Минималните утрински температури ќе се движат меѓу 5 и 14 степени, додека дневните максимални ќе изнесуваат од 13 до 20 степени. Во Скопје температурата ќе достигне до околу 16–17 степени.
До крајот на септември и почетокот на октомври ќе преовладува постудено време од просекот, а според прогнозите, веќе следната седмица планините во регионот и во Македонија ќе ги добијат и првите врнежи од снег за оваа сезона. – Скопје1.мк