БОГОЈЕСКИ ИТНО БАРА ОДГОВОРНОСТ: Пожарите во Македонија не се несреќи, туку еколошко-терористички напади!
По вчерашниот голем пожар што избувна во депонијата кај скопското село Трубарево, кој предизвика сериозна еколошка катастрофа и го загади воздухот во источните делови од главниот град, јавноста е вознемирена и бара одговорност. Во овој контекст, Петар Богојески, претседател на движењето „Македонски концепт“, остро реагираше преку Фејсбук пост, оценувајќи дека станува збор за организиран еколошки тероризам. Тој повикува институциите да преземат итни мерки и да поведат кривични постапки против одговорните.
Преку својата Фејсбук објава, Богојески се повикува на член 394-б од Кривичниот законик на Република Македонија, каде што се дефинира тероризмот, вклучително и дела што предизвикуваат сериозна штета врз животната средина и јавната безбедност. Според него, повторливите пожари, непрописното управување со депониите и игнорирањето на стандардите за заштита на околината не се случајни, туку резултат на организирана активност што ги загрозува уставниот поредок и здравјето на граѓаните.
Богојески прави разлика меѓу различни типови на депонии, но јасно посочува дека и институционалното (како Дрисла) и приватното управување (како Трубарево) се дел од истиот проблем, системски неуспех кој, според него, треба да се третира како тероризам со еколошки последици.
„Според Кривичниот законик на Република Македонија, член 394-б („Тероризам“), ние сме нападнати од терористичка организација, која организирано спроведува еколошки тероризам врз населението! […] Депонијата Дрисла е институционално управувана, депонијата Трубарево е компаниски управувана… ги имаме терористите на дело!
ИТНО ДА СЕ ПОКРЕНЕ ИСТРАГА И ОБВИНЕНИЕ ЗА ТЕРОРИСТИЧКО ЗАГРОЗУВАЊЕ НА УСТАВНИОТ ПОРЕДОК НА МАКЕДОНИЈА!
ИТНО институциите да дејствуваат!
ИТНА одговорност!
Се додека нема КОНКРЕТНА ИНДИВИДУАЛНА ОДГОВОРНОСТ, ние нема да изградиме функционален систем во интерес на граѓаните!“, алармира Богојески.




