Меџити го најави почетокот на големата трансформација на улицата „Ферид Мурат“ во Чаир

Македонија

Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Изет Меџити, денеска го презентираше еден од најголемите инфраструктурни проекти во општината – целосна реконструкција и трансформација на улицата „Ферид Мурат“.

Проектот, кој опфаќа делница долга еден километар – од улицата „Џон Кенеди“ до кружниот тек „Шипонја“ – е вреден 1 милион евра и се финансира со поддршка од Општина Чаир, Светска банка и Министерството за транспорт и врски.

Со инвестицијата е предвидено комплетно асфалтирање, изградба на две модерни сообраќајни ленти, стандардизирани тротоари, велосипедски патеки, легално уредени паркинг-места, современо улично осветлување и изградба на нов функционален кружен тек кој ќе го олесни протокот на сообраќај.

Работите треба да завршат до март 2026 година, по што жителите на Чаир ќе добијат побезбедна, покомфорна и модерна улица.

„Ова е само еден од доказите дека Чаир чекори силно напред. Нашата визија е да изградиме општина со европски стандарди за живеење“, изјави Меџити.