Хигиената и јавниот превоз во Скопје фокус на Ѓорѓиевски

Македонија

Кандидатот за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска учествуваше на две панел-дискусии во рамки на Саемот на отчет организиран од ВМРО-ДПМНЕ, каде што говореше за иднината на главниот град и локалниот развој.

„На Скопје не му треба опис на проблемите кои секојдневно ги живееме, туку брзи и ефикасни решенија,“ истакна Ѓорѓиевски, додавајќи дека визијата за наредните четири години е создавање на отворен и транспарентен град, безбеден и инклузивен, со граѓанинот во центарот на сите политики.

Според него, денес на главниот град му недостига стратегија и долгорочен план, што најмногу се гледа во јавната хигиена и функционирањето на јавниот превоз.

 

„Затоа, нашиот прв и најголем фокус ќе биде решавањето на овие горливи проблеми со кои скопјани живеат со години,“ порача кандидатот.

Тој додаде дека со силна мотивација, посветеност и поддршка од Владата и премиерот Христијан Мицкоски, Скопје повторно ќе стане горд град.