Армијата го одбележува 33-от роденден со свеченост во касарната во Штип

Македонија

Денес во касарната „Јане Сандански“ во Штип ќе се одржи централна прослава по повод 33-тиот јубилеј на македонската Армија. Повеќе од три децении исполнети со преданост, самопожртвуваност, експертиза, храброст и решителност во служба на државата ќе бидат одбележани со соодветна програма и присуство на високи државни и воени лица.

Според агендата на свеченоста, со пригоден говор пред присутните ќе се обратат претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, премиерот Христијан Мицкоски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и командантот на генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски.

На главната свеченост ќе бидат наредени и новоименуваните 26 потпоручници и 149 подофицери.

За време на главната свеченост, претседателката Сиљановска-Давкова, како што извести Генералштабот на Армијата, ќе го награди со „Орден за воени заслуги“ Центарот за обука на питомци и офицери, кој е дел од Командата за обука и доктрини.

Се очекува на церемонијата да бидат присутни претседателот на Собранието, Африм Гаши, министри во Владата, пратеници во Собранието, поранешни министри за одбрана и команданти на генералштабот, пензионирани генерали, високи гости од различни институции во државата, воено-дипломатскиот кор во Република Северна Македонија и други.

Прославата на 18 август – Денот на македонската Армија започна во петокот (15 август) пред платото на Министерството за одбрана и Генералштабот.

Министерот за одбрана Владо Мисајловски и командантот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски по повод Денот на Армијата се обратија пред вработените, нагласувајќи ја нивната професионалност и посветеност на работата.

На официјалниот собир на вработените во Министерството за одбрана и Генералштабот присуствуваа и заменикот на командантот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, државниот секретар Елизабета Чуповска Ристова, директорот на Генералштабот, бригаден генерал Орце Јордев, службеници во Министерството и Генералштабот и други гости.

По повод Денот на Армијата, синоќа во скопската касарна „Илинден“ беше изведена почесна артилериска стрелба со десет истрели од артилериски орудија на артилерискиот баталјон на Армијата.

18 август е избран за ден на Армијата, денот кога во 1943 година на Славеј Планина е формиран баталјонот „Мирче Ацев”, кој се смета за првата организирана воена формација на НОВ на Македонија.

Процесот на основање на современата македонска Армија започна во 1992 година, кога тогашниот претседател Киро Глигоров, заедно со раководството на ЈНА, го потпиша договорот за дислокација на федералната армија од територијата на Република Македонија.

Македонската Армија денес е составен дел од најголемиот колективен безбедносен систем откако Република Северна Македонија во март 2020 година стана 30-та полноправна членка на НАТО.