
Изборите се ближат, СДСМ сè уште без кандидат за градоначалник во Пробиштип
Иако остануваат речиси 60 дена до првиот круг на локалните избори, СДСМ сè уште нема официјализирано кандидат за градоначалник на Пробиштип, продолжувајќи ја неизвесноста кога изборите се на праг. Ситуацијата се комплицира со тоа што актуелниот градоначалник, Драган Анастасов – Ладич, според информации од извори блиски до партијата, одбива повторно да влезе во трка, свесен за падот на поддршката и реалните шанси за пораз.
Извори блиски до партијата тврдат дека, зад сцената, се врши притисок врз Анастасов да ја прифати кандидатурата, главно поради отсуството на друг подготвен и мотивиран кандидат. Овој недостиг на кадар се случува во момент кога ВМРО-ДПМНЕ веќе два месеци го има претставено својот кандидат, поранешниот градоначалник Тони Тоневски, и веќе се активни во предизборниот период.
Останува прашање дали внатрепартиските калкулирање на раководството и локалниот огранок на СДСМ во Пробиштип се одбиени од некои имиња меѓукои и сегашниот градоначалник – кој според извори блиски до партијата, не сака да се кандидира, но можеби ќе мора да прифати поради немање друга опција.
Минатата недела, претседателот на Собранието, Африм Гаши, ги распиша изборите за 19 октомври, односно 2 ноември. Засега, партијата на Венко Филипче има официјално објавено кандидати за градоначалници во 46 општини, меѓу кои и кандидатката за Град Скопје и кандидатите за скопските општини, но меѓу нив не е Пробиштип – иако оваа општина е една од ретките во која СДСМ има свој градоначалник во моментот, а изборите се пред врата.