
Бујар Османи ќе се фокусира на спортот – ја претстави програмата за Чаир
Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, вчера пред спортистите и спортските работници во Чаир ја претстави својота сеопфатна програма за развој на спортот, изготвена врз основа на детални анализи и препораки од домашни и меѓународни експерти.
Анализата откри сериозни недостатоци во спортот во Чаир: недостиг на развојна стратегија, нефункционални сали и спортски игралишта, нетранспарентно користење на постојната инфраструктура, ограничен пристап за маргинализираните групи, жените и повозрасните лица, како и речиси целосно отсуство на натпревари и организирани активности за младите.
Османи најави дека приоритет во првите две години ќе биде целосната ревитализација на постојните спортски објекти. Спортските сали „Енвер Идризи“ во Серово, „Васил Главинов“ на Џон Кенеди, „Имри Елез“ во Дижон и „Лирија“ во Гази Баба ќе бидат целосно реновирани – од покривите и осветлувањето, до соблекувалните и санитарните простории.
Ќе се легализираат и реконструираат салите „Шабан Трстена“ и „Партизан“, при што „Партизан“ ќе се претвори во современ мултифункционален спортски центар кој ќе го носи името на легендарниот олимписки шампион Шабан Сејдиу. Исто така, ќе се изгради нова спортска сала во едно училиште кое досега немало таков објект, а таа ќе го носи името на познатиот боксер Азис Салиу.
Програмата предвидува и создавање нови отворени спортски игралишта во Гази Баба, Серово и Топанско поле, како и уредување на парковите и училишните дворови со спортско-рекреативни содржини. Ќе се обезбедат програми и пристапна инфраструктура за лицата со попреченост, како и активности прилагодени за жените и постарите лица.
Младите талентирани спортисти од Чаир ќе добијат стипендии и финансиска поддршка за подготовка и учество на меѓународни натпревари, а спортските клубови ќе имаат можност да аплицираат за општински средства и техничка помош за аплицирање во европските фондови. Османи, исто така, најави основање на гимнастички, атлетски и џудо клуб – спортови кои досега недостасувале во Чаир.
Во образованието, училиштата ќе се специјализираат според спортовите, на пример, „Лирија“ за борење, „Шабан Трстена“ за кошарка, „7 Март“ за ракомет, „Исмаил Ќемали“ за одбојка, „Имри Елез“ за карате, без исклучување на другите дисциплини. Учениците ќе имаат 3 часа физичко образование неделно, плус 2 часа воннаставни активности, со наставници субвенционирани од општината.
Ќе се организираат: „Недела на спортот“, училишна спортска лига, турнири и мала општинска олимпијада за поттикнување на натпреварувачкиот дух. Османи предвидува и основање Центар за истражувања во спортот, кој ќе ја интегрира науката, физичкото образование и здравјето, со цел позитивно да влијае врз социјалниот развој преку спортот. Во рамки на програмата се вклучени и обуки за младите за алпинизам, кампување и активности во природа.
Бујар Османи посебно го нагласи значењето на проектот за помош на спортските клубови при аплицирање за европски фондови: обуки и работилници за запознавање со програмите за финансирање, критериумите и роковите за аплицирање; техничка асистенција при подготовка на проектни предлози, буџети и потребната документација; посредување за меѓународни партнерства со клубови и спортски организации од земјите на ЕУ за развој на заеднички проекти.
„Ова не е само список на проекти, туку стратегија со јасна визија – Чаир да стане пример за современа, достапна и сеопфатна спортска средина, каде секое дете и секој граѓанин има можност за активен и здрав живот,“ нагласи Османи, додавајќи дека програмата дополнително ќе се разработува во консултација со граѓаните и спортските работници.