
Европскиот фронт слабее: Демократска партија на Турците излегува од коалицијата
Демократската партија на Турците на Македонија соопшти дека на претстојните локални избори на 19 октомври ќе настапи самостојно, со сопствени кандидати за советници и градоначалници во општините со претежно турско население.
Одлуката, како што наведуваат од партијата, е донесена по долги и темелни консултации со членовите, органите и граѓаните, а Централниот управен одбор и Централното собрание ја усвоиле едногласно.
„За нас, овие избори не се обична трка за советнички места – тие се борба за достоинствено, јасно и ефикасно политичко претставување на турската заедница,“ изјавија од партијата, предводена од Зулфиќар Зејнула.
Во согласност со волјата на нивниот електорат, партијата донела одлука и за излегување од коалицијата „Европски фронт“, со што, како што велат, ја зацврстуваат својата независна политичка позиција и ја потврдуваат решеноста директно да му служат на народот, без посредници и компромиси.
Листите за советници ќе се составуваат во непосредна соработка со граѓаните.