
Почина македонската оперска икона – примадоната Милка Ефтимова
„Со голема тага ја примивме веста за смртта на нашата сограѓанка, професорка и оперска примадона Милка Ефтимова. Нејзиниот живот и дело остануваат траен белег во македонската култура“, се вели во соопштението на Македонската опера и балет.
Во својата долготрајна, богата и плодна кариера, таа отпеа четириесет оперски улоги, како и многубројни партии во ораторијални дела и соло изведби, застанувајќи повеќе од 1.200 пати на оперската и концертната сцена, во дваесетина земји низ светот.
Милка Ефтимова беше редовен професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, наставник на Музичко-балетскиот училиштен центар во Скопје и Средното музичко училиште во Штип. Во нејзината богата оперска кариера одликувана е со наградите: „11 Октомври“ (1985), „Св.Климент Охридски“ (2001), „Мајка Тереза“ (2009), како и Орден за заслуги на Република Северна Македонија (2022).
Во февруари годинава, нејзини блиски пријатели ѝ организираа скромна, но емотивна прослава за нејзиниот 89. роденден, на кој се пееја оперски арии и се славеше нејзиниот живот исполнет со музика.
Нејзиното тело ќе биде изложено в сабота, на 16 август, во 10 часот во капелата во Радовиш, а погребот ќе се изврши во 11 часот на гробиштата во Радовиш.