ПО ДВЕГОДИШЕН ЗАСТОЈ, ОД ДЕНЕСКА ПАК СЕ ПОЛАГА ЗА ЛИЦЕНЦИ ЗА РАБОТА ВО ГРАДИНКИ

Дали Знаете

После двегодишен застој, од денеска пак почнува процесот на полагање за лиценца за работа за воспитувачи, негуватели, стручни работници, соработници и директори која обрска е задолжителен предуслов за вработување во градинките.

Денеска на Филозофскиот факултет во Скопје стручен испит полагаат околу 350 лица, а како што рече министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, до крајот на месецов уште 350 кандидати ќе имаат можност да го завршат овој процес и да се стекнат со соодветна лиценца за работа.

„Сакам да ве информирам дека конечно го одблокиравме процесот на полагање стручни испити за доделување и добивање лиценци за работа, во детските установи, процес кој беше во застој од 2023 година. Поради нефункционален електронски систем за полагање, голем број на кандидати не можеа да пристапат кон испитот што предизвика застој токму кога имавме најголема потреба за кадар во градинките на нацинално ниво. Со цел надминување на овој проблем, и на оваа ситуација, извршивме измени во Законот за заштита на деца, со кој се овозможи стручниот испит да се спроведува и во хартиена форма и тоа до 1 јануари 2026 година, а по тој рок процесот за лиценцирање ќе продолжи по електронски пат“, кажа министерот.

Лимани додаде дека сите пристигнати барања за стекнување со лиценца детално се разгледуваат, и секој барател ќе биде исконтактиран од Комисијата.