
Подобрен успех на државната матура од лани, просечната оценка на македонските ученици е 3.69
Просечната оценка на успехот од полагањето на двата екстерни испита од државната матура во јуни е 3.69, се пофали денеска (5 август) министерката за образование Весна Јаневска. Таа изрази задоволство што успехот е поголем од минатата година кога просечна оценка беше 3.26 и бидејќи немало голем број препишувања.
Бројот на ученици „препишувачи“ е 172 и истите ќе имаат право да полагаат во августовскиот испитен рок. Поднесени се 507 приговори по сите предмети.
Министерката Јаневска се надева дека трендот на подобрен успех ќе продолжи и следната година, иако како што рече, уште многу работи во образовниот систем треба да се подобрат.
„Успехот зависи од наставниците и учениците, ние веќе подолго време водиме еден вид пропаганда во која велиме дека нивното знаење е нивно богатство и ете тоа вродува со успех. Инаку во образованието има што да се менува, ние почнавме од законската регулатива, донесовме подзаконски акти, правилници во кои им кажуваме на наставниците како треба да се работи, наставниците добиваат и ќе добиваат обуки заради промената на програмите, работиме на инфраструктурата, на нови учебници, секако дека има уште многу што да се направи, но задоволни сме од постигнатиот успех“, рече министерката за образование Весна Јаневска.
Директорката на Државниот испитен центар (ДИЦ) Даниела Јовчевска-Михајловска смета дека подобрениот успех не се должи на полесни прашања, туку на поподготвени ученици.
„Нема лесни и тешки прашања, само има поподготвени ученици“, рече Јовчевска-Михајловска.