
Остра реакција од Гордана Силјановска Давкова: Спортот да биде пат за обединување, не за омраза
Претседателката на Република Македонија, Гордана Силјановска Давкова, преку својот официјален Фејсбук профил остро реагираше на појавата на говор на омраза за време последниот спортски настан во Куманово.
Нејзината реакција предизвика широка јавна дебата, бидејќи таквото однесување не треба да има место ниту на спортските терени, ниту во општеството во целина. Спортот е симбол на обединување и здрав натпревар, а не на раздор и омраза.
„Омразата нема боја на дрес. Омразата не е навивање. Омразата не е љубов кон своето – туку омраза кон другиот. Во моментов, омразата се негува на спортските трибини, се пренесува на децата, се прославува во публиката. Тоа не е спорт. Тоа е одраз на нешто многу подлабоко и поопасно“, напиша Гордана Силјановска Давкова.
Претседателката на Република Македонија нагласи дека спортот треба да биде пат за обединување, а не платформа за ширење национализам, закани или омраза. Таа истакна дека младите кои денес навиваат на трибините, утре ќе бидат граѓани, лидери, родители, па затоа е важно какви вредности им се пренесуваат.
„Никој не се раѓа со омраза. Таа се учи. Од родител, од трибина, од песна што ја пее толпата. А ако се учи – тогаш може и да се отучи. Но мора да сакаме“, нагласи Давкова, истакнувајќи дека сите треба да се посветиме на воспитување на идните генерации во духот на почит и толеранција.
Реакцијата на претседателката е силен потсетник дека спортот и јавните настани треба да бидат ослободени од омраза, насилство и нетолеранција. Сите чинители, од клубови до навивачи, имаат одговорност да работат на создавање на култура на почит и инклузивност. Младите се нашата иднина и е од највисока важност да им пренесеме вистински вредности и позитивни примери.