
Ноќ за паметење: Францускиот диџеј Хугел го вееше македонското знаме во Охрид
Светската ѕвезда на електронската сцена, францускиот диџеј Хугел, приреди спектакл за паметење на настапот во Охрид, што се одржа на 3 август под отворено небо кај „Билјанини извори“. Кулминацијата на вечерта дојде кога диџејот во занес развиори македонско знаме, во ритамот на неговиот мега-хит „I Adore You“.
Моментот предизвика бурни реакции меѓу публиката, која го поздрави гестот со громогласни овации, скандирања и телефони високо во воздухот. Хугел покажа дека умее да ја почувствува енергијата на народот, а почитта кон културниот идентитет на земјата-домаќин е најголем аплауз што еден артист може да го добие.
Диџејот сподели и момент од настапот на својот Инстаграм профил, каде видеото со знамето и реакциите на македонската публика веќе добива илјадници лајкови и коментари од фанови од целиот свет. Настапот беше дел од неговата летна турнеја низ Балканот, а Охрид очигледно ќе остане запаметен како една од највпечатливите станици.
Сцената, звукот, атмосферата и особено гестот со македонското знаме, направија оваа вечер да се врежи во меморијата на сите присутни.