ВЛЕН: Таравари треба да им се извини на гласачите – Стана гласник на Ахмети пред Мицковски

Македонија

Коалицијата ВЛЕН бара Арбен Таравари јавно да одговори зошто, само неколку месеци по кампањата против ДУИ, се претворил во гласник меѓу Али Ахмети и Христијан Мицкоски.

„Таравари им должи одговор на граѓаните – зошто го молел Мицкоски да ја врати ДУИ во владата, иако самиот ја нарекуваше ‘политичка мртовечница’“, обвинува ВЛЕН во соопштение.

Според ВЛЕН, целта на Таравари и Груби била јасна – да се саботира ВЛЕН како вистинскиот претставник на волјата на Албанците и ДУИ да се врати на власт од задната врата, откако народот веќе ја избркал од предната.

 

„Сите видоа како Таравари по телевизии навредуваше гласачи на ВЛЕН, додека истовремено фалеше премиерот, само за да остане на власт“, додаваат од коалицијата.

ВЛЕН прашува дали политичката пресвртница на Таравари има врска со случајот „Џока Констракшн“ или можеби со наводен притисок од неговиот близок соработник Фатмир Меџити.

„Денес е јасно – планот на Артан Груби пропадна, а Таравари заврши во прегратките на Али Ахмети, Муса Џафери и Блерим Беџети – политичка гарнитура што 20 години не реши ниту еден проблем на Албанците“, се наведува во реакцијата на ВЛЕН.

Од коалицијата порачуваат дека ќе продолжат да ја бранат волјата на Албанците од, како што велат, „валкани политички пазари“.