Уапсен поранешен телохранител на Зоран Заев за подметнување пожар – се огласи и поранешниот премиер

Македонија, Хроника

Полицијата вчеравечер уапсила едно лице од Струмица, кого медиумите го поврзуваат со поранешниот премиер и претседател на СДСМ, Зоран Заев. Го сомничат дека сторил кривично дело, бил затекнат близу приватен имот, па бил пријавен дека се обидел да потпали сува трева.

„Синоќа полициски службеници од СВР Струмица го лишија од слобода А.Н. поради сомнение за сторено кривично дело. Во координација со ОЈО Струмица се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР за „Фокус“.

Според дел од пишувањата во јавноста, лицето кое сега е уапсено, било поранешен шофер односно обезбедувач на експремиерот Зоран Заев.

„Скопје1“ го исконтактира Заев кој посочува дека станува збор за лице вработено во Општина Струмица.

„Александар Николов е вработен во општина Струмица. Јас бев градоначалник на Струмица до 2016 година и во периодот од 12 години колку што бев градоначалник, шофер на градоначалникот (т.е. мој шофер) беше Ристо Ѓузелов до неговото пензионирање а после тоа беше Кире Ангелов. Александар Николов во тоа време, колку што се сеќавам, работеше на портирницата во општината и беше возач на општинско возило за потребите на општинските инспекции и останати општински служби за теренските активности. По завршувањето на мојот градоначалнички мандат го немам воопшто видено Александар Николов“, вели Заев за „Скопје1“.