
Охридското семејство Голабоски живее благодарение на спасителите во движење – Како хероите Весна и Тони спасуваат живот на патот?
Во моменти кога секоја секунда значи живот, храброста, професионалноста и човечноста добиваат вистинско значење. Една таква приказна ни доаѓа од охридскиот регион, каде што брзата реакција на медицински тим ја направи разликата помеѓу трагедија и спас. При секојдневна патролна задача, медицинската екипа од Клиниката „Жан Митрев“ стана вистински херој на патот – спасувајќи живот во најкритичен момент.
„Вистински херои на патот – живот спасен благодарение на брза реакција ❤❤❤
Брачниот пар Голабоски од Охрид доживеа вистински кошмар при патување кон Маврово. Додека се возеле во нивното возило влегла пчела која ја каснала сопругата Соња алергична на пчелни 🐝 убоди. Поради состојбата која брзо се влошувала, нејзиниот сопруг Владимир веднаш одлучил да се вратат назад упатувајќи се кон охридската болница.🏥
За среќа, на патот кон Охрид ја пресретнале мобилната единица на Клиниката Жан Митрев. Нашата екипа сестра Весна Наумоска – анестетичар и колегата шофер Тони Антониевски, иако со друга задача, без размислување застанале да ја укажат побараната помош. Со брза и стручна интервенција, веднаш биле преземени неопходните чекори за спасување на сега веќе пациентката Соња Голабоска.
,,Не направив ништо посебно. Постапив онака како што сум обучена и како што треба да направи секој човек. Своето знаење и опремата и средствата кои ми беа на располагање во амбулантното возило ги употребив за спасување и стабилизирање на жената,,- објаснува сестра Весна.
По убодот на инсектот веќе биле видливи отоци и имало трнење на ногата. ,,Немавме време да ја чекаме брзата помош која доаѓаше од Охрид, затоа одлучивме веднаш да ја ставиме во нашето возило и се упативме кон Охрид. Во меѓувреме аплицирав антиалергиски лекови и постојан мониторинг додека брзавме кон болницата,, – ни објаснува Весна која додадва дека вакви случаи се чести кога се патува со амбулантно 🚑возило.
Семејството Галабоски изрази огромна благодарност до нашиот медицински тим, чија подготвеност да се стават на располагање на граѓаните не штедејќи се себе и ресурсите кои им се на располагање уште еднаш покажа дека животот е скапоцен“, се вели во официјално соопштение на Жан Митрев.