Богојески со демант од САД: Сè уште сум директор, за лагите ќе има тужби ако нема извинување!

Македонија, Соопштенија

Петар Богојески, директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност (НАЕОПМ), упати остар демант до медиумите кои, како што вели, пренесуваат лажни и клеветнички информации за него и за работата на агенцијата. Тој бара итно јавно извинување и корекција на објавените содржини, со предупредување дека во спротивно ќе следуваат тужби.

Во неговото јавно соопштение се вели:

„Почитувани 24инфо.мк / Утрински Весник.мк и останати медиуми, кои објавувате лажни вести со навреди и клевети кон мене и Националната агенција, барам веднаш јавно да се извините, да објавите корекција на вашите вести, а во спротивно ќе бидете тужени пред надлежен Суд!

Ниту сум разрешен од директор на Националната агенција, ниту се шетам со државни пари, ниту е испратено писмо од ЕУ! За сите тврдења, кои сте ги објавиле, барам да објавите демант!

Јас поднесов оставка од позицијата директор на НА, поради други професионални ангажмани, а во тек е законска постапка за избор на нов директор во координација со Европската Комисија. Се до изборот на ново лице и примопредавање на обрските, јас целосно ги извршувам сите законски должности.

Посетата на САД од делегација на НА е планирана пред два месеци, истата нема врска со приватни средби или активности!

Учествуваме на 19-тиот Меѓународен самит за човекови права, кој се одржува во седиштето на Обединетите Нации во Њујорк. Македонската делегација има инспиративни излагања и учество покрај низа угледни личности, образовни работници и активисти за човекови права од целиот свет. Најзначајните моменти вклучуваат работилница за лидерство за младински активисти, образовни работници и др. преку можности за вмрежување со поединци и организации посветени на унапредување на човековите права низ целиот свет.

Овие самити претставуваат моќна платформа за обединување на млади од целиот свет, негувајќи дух на соработка и заедничка цел. Минатите самити беа почестени со присуство на добитници на Нобелова награда за мир, како претседателот Жозе Рамуш-Орта, претседателот Оскар Аријас Санчез и надбискупот Дезмонд Туту – инспирирајќи нова генерација лидери. Повеќе од 50 национални делегации од различни земји се приклучени на ова глобално движење, а од овој самит и Република Македонија.

Дополнително, остваруваме дирекна средба со Mary Shuttleworth, Ed.D. претседателка на Меѓународната организација “Обединети за човекови права” и раководството на МММ, со кои дискутираме за нивно дирекно вклучување во јавната полемика за утврдување на националните приоритети во образованието и поддршката на најмладите Македонци, родени низ светот.

Доколку не постапат одредени медиуми по ова јавно соопштение, ќе бидеме приморани на судска постапка, која не ја посакуваме!

Со почит,
Петар Богојески
директор на НАЕОПМ“

Демантот следи откако неколку портали објавија информации поврзани со наводна разрешница на директорот и неговото присуство во САД, што, според него, е службена посета поврзана со меѓународен настан за човекови права.