Меџити: Историски 829 проекти за рамномерен развој на општините

Македонија

Денес беа потпишани договорите со општините за реализација на 829 нови проекти во вредност од околу 15 милијарди денари, што претставува најголемата досегашна инвестиција во рамномерен локален развој. Овој чекор, како што изјави првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, е доказ за конкретна заложба за правична распределба на средствата и вистинско партнерство меѓу централната и локалната власт.

Министерството за животна средина и просторно планирање учествува во процесот со проекти во вредност од околу 2,5 милијарди денари. Средствата ќе бидат насочени кон подобрување на водоводните и канализациските системи, проекти за заштита на животната средина, еколошко чистење, инвестиции во зелена инфраструктура и планирање што одговара на реалните потреби на граѓаните.

„Ветивме работа и развој, и тоа веќе се реализира. Донесуваме опипливи промени во секојдневието на граѓаните. Воведуваме нов начин на управување – со одговорност, транспарентност и јасен фокус кон човекот,“ истакна Меџити.

 

Тој додаде дека преку овие проекти се поставуваат темелите на фер и одржлив развој, без разлика на општинската припадност, партиската боја или етничката разноликост. Ова, според него, е вистинскиот пат за напредок на државата и подобар живот за сите граѓани.