
Димитриеска-Кочоска: Со дополнителниот ребаланс повеќе средства за социјала, инфраструктура и образование
Дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2025 година, кој вчера беше усвоен на владина седница, предвидува пренамена на средства кон неколку клучни сектори, со цел поефикасно сервисирање на обврските и поттикнување на развојот. Ребалансот сега оди на конечно усвојување во Собранието.
Според соопштението од Министерството за финансии, се предвидуваат шест милиони денари за изработка на проектна документација за нова сообраќајница во општина Куманово, средства предвидени во Буџетот на Министерството за транспорт. За Министерството за социјална политика, демографија и млади се обезбедуваат дополнителни 50 милиони денари за исплата на социјални надоместоци, додека Министерството за образование и наука добива дополнителни пет милиони денари наменети за Универзитетот „Гоце Делчев“.
„Со предлогот се врши прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници, при што се зголемуваат расходите кај оние институции со зголемени обврски, а соодветно се намалуваат средства кај други буџетски ставки“, информираат од Министерството за финансии.
Во ребалансот се вклучени и дополнителни средства за исплата на плати, особено во Министерството за внатрешни работи, каде што платите ќе бидат зголемени за 10 проценти. Предвидени се и средства за зголемени пензии, транзициски трошоци, како и околу 300 милиони денари за капитални инвестиции.
Капиталните расходи се проектирани на 47,4 милијарди денари, со фокус на проекти каде што досега е покажана висока реализација, посебно во Министерството за одбрана. Продолжува и поддршката за општините, за кои се предвидени дополнителни 584 милиони денари.
Ребалансот не го менува нивото на буџетскиот дефицит, кој останува на 41,3 милијарди денари, односно 4 проценти од БДП. Вкупните приходи се проектирани на 362,4 милијарди денари, додека расходите се планирани на 403,7 милијарди денари – двата показатели бележат раст од околу еден процент. Стапката на економски раст останува 3,7 проценти, инфлацијата е проектирана на 2,8 проценти, а невработеноста на 11,1 процент.
Од Министерството за финансии нагласуваат дека измените се во согласност со приоритетите на фискалната политика: фискална консолидација, макроекономска стабилност и стимулирање на економскиот развој.