*Божиновска: Македонија инвестира во енергетска независност – над 1.000 MW од обновливи извори, Чебрен и Галиште се македонски проекти*

ЕКОНОМИЈА / ФИНАНСИИ

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во мега интервју за магазинот „Економија и бизнис“ најави дека Македонија конечно се движи со сериозно темпо во енергетската транзиција, постигнувајќи над 1.000 MW инсталирана моќност од обновливи извори на енергија. Според неа, државата веќе не е само регулатор, туку активен инвеститор во зелената транзиција.

Божиновска истакна дека клучната улога во овој процес ја има и приватниот сектор, кој охрабрен од реформите и стабилната регулатива, сè почесто гледа можност за раст во енергетиката. Стратегијата, како што нагласува, е јасна – државата обезбедува стабилност и предвидливост, а приватниот сектор придонесува со технологија, динамика и нови капацитети.
Меѓу најзначајните проекти се трансформацијата на термоелектраните „Битола 1 и 2“ и „Осломеј 2“ во модерни соларни центри, проширување на ветерниот парк „Богданци“, изградба на нова соларна фарма од 200 MW и ветерен парк од 100 MW кај Миравци. Божиновска оцени дека Македонија има реална шанса да се позиционира како регионален центар за зелена енергија и дека таа можност не смее да се пропушти.
Во интервјуто таа ги потенцираше проектите „Чебрен“ и „Галиште“ како тест за зрелоста на државата. По четиринаесет неуспешни тендери, таа информира дека е формирана експертска работна група која поставила солидна рамка и се приближува до конечна одлука за иднината на овој стратешки проект. Министерката наведе дека постојат две можни опции – целосно државен модел или јавно-приватно партнерство со јасно дефинирани услови. Проектот, проценет на 1 до 1,3 милијарди евра, ќе биде долгорочна инвестиција, значајна не само за електропроизводство, туку и за наводнување и туризам. Финалната одлука, како што најави министерката, се очекува многу скоро.

Божиновска се осврна и на предизвиците поврзани со преносната мрежа на електричната енергија со цел да се избегне сценариото Шпанија и Португалија. „Преносната мрежа беше целосно запоставена“ истакна таа. „Затоа со новиот Закон за енергетика воведовме обврзувачко планирање кое ја носи потребната предвидливост – знаеме што ќе правиме следната година, следните пет и следните десет години.“ заокружи министерката. Во насока да се избегне колапсот со електричната енергија што се случи во Шпанија и Португалија, Божиновска информираше дека се работи и на нови инвестиции и проекти, како ТС Битола 2, енергетско поврзување со Албанија, нова трансофрматорска станица 400/110 kV Милетково, изградба на 400/110 kV ТС Охрид, како и изградба на подземна оптичка линија Ѓорче Петров – МЕПСО – ТЕТО.